Разговорите со американските претставници за мировниот план за Украина беа конструктивни, но не и лесни, изјави синоќа украинскиот претседател Володимир Зеленски во пресрет на планираните консултации со европските лидери во наредните денови.
Зеленски во саботата разговараше со специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, а се очекува денеска во Лондон да се сретне со францускиот, британскиот и германскиот лидер. Планирани се и дополнителни разговори во Брисел.
– Американските претставници ги знаат основните украински ставови, рече Зеленски во своето вечерно видео обраќање. „Разговорот беше конструктивен, иако не и лесен“, додаде тој.
Трамп рече дека ставањето крај на руската војна во Украина, која сега се приближува до својата четврта година и е најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна, останува негов најтежок надворешнополитички предизвик.
И покрај американското посредување и повремените контакти на високо ниво, напредокот во мировните преговори е бавен, а споровите околу безбедносните гаранции за Киев и статусот на териториите под руска окупација сè уште не се решени.
Москва вели дека е отворена за преговори и ги обвинува Киев и Западот за блокирање на мирот, додека Украина и нејзините сојузници велат дека Русија одолговлекува и ја користи дипломатијата за да ги зацврсти своите придобивки.




