Британскиот министер за одбрана Грант Шапс разговарал за тоа како да се зајакне воздушната одбрана на Украина за време на состанокот со претседателот Володимир Зеленски во Киев, соопшти денеска кабинетот на претседателот.

Посетата на главниот град на Украина е прва посета на Шапс на завојуваниот Киев откако минатиот месец стана министер за одбрана. Велика Британија е верен сојузник на Украина во текот на целата инвазија што ја започна Русија во февруари 2022 година.

„Во име на целата нација, ви благодарам за сè што правите за нас. Ние сме благодарни за вашата помош – воена, финансиска, хуманитарна. Многу цениме што можеме да се потпреме на вас“, рече Зеленски, соопштија од неговиот кабинет.

Зеленски ја истакна соработката меѓу Киев и Лондон во одбранбениот сектор, што, како што рече, ѝ овозможи на Украина значително да ги прошири своите капацитети на бојното поле благодарение на оружјето со долг дострел. Оваа година, Велика Британија испорача крстосувачки ракети „Сторм шедоу“ кои ѝ овозможија на Украина да напаѓа цели на територијата окупирана од Русија.

Во соопштението се вели дека Шапс и Зеленски разговарале за зајакнување на противвоздушната одбрана во Украина поради стравувањата дека Русија ќе користи ракети со долг дострел и беспилотни летала за да ја гаѓа клучната енергетска инфраструктура среде зима.

Новиот украински министер за одбрана Рустем Умеров исто така се сретна со Шапс и рече дека го информирал за ситуацијата на бојното поле и за итните потреби на Киев. „Фокусот е на противвоздушната одбрана, артилерија, системи против беспилотни летала. Доаѓа зима, но ние сме подготвени. Заедно сме посилни“, објави Умеров на платформата Х, порано Твитер.

Не се знае точно кога Шапс се сретнал со Зеленски. Шапс веќе ја посети Украина за време на војната, но во поранешната функција како министер за енергија, пред да го замени Бен Валас како министер за одбрана минатиот месец.