Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави за британскиот весник „Фајненшл тајмс“ дека војната продолжува во неговата земја, но линијата на фронтот повеќе не се движи.

„Војната продолжува. Денес, мирот и победата му припаѓаат на оној кој покажува најмногу интелигенција. Ситуацијата е многу тешка за нас, но нашите борци, по цена на своите животи, ја запреа војната на бојното поле – линијата на фронтот. Војната продолжува, но линијата на фронтот повеќе не се движи“, изјави синоќа Зеленски за британскиот весник.

Украинскиот претседател додаде дека приоритетот сега „е во воздух“, признавајќи дека неговата земја „не е подготвена“ во однос на балистичката ракетна одбрана.

Зеленски го обвини „советското наследство“ кое беше целосно префрлено на Москва по распадот на СССР и оцени дека војната ќе биде решена во воздух.

Зеленски се осврна и на неодамнешните напади што ги изврши Киев врз Москва, Санкт Петербург и Кримскиот полуостров, кој Русија го анектираше во 2014 година, а чија милитаризација украинската армија се обидува да ја „забави“.

„Ја блокиравме логистиката и ја презедовме контролата врз енергетскиот комплекс. Покажавме што значи оперативно да се контролира небото во одредено време и на одредено место“, додаде претседателот на Украина.

Фото: архива