Грчкиот парламент денеска изгласа одземање на имунитетот на 13 пратеници од владејачката партија Нова демократија, чии имиња беа вклучени во истрагата за скандалот со државната агенција ОПЕКЕПЕ за распределба на земјоделски субвенции од ЕУ, јавува „Катимерини“.

Минатата година Европското обвинителство обвини десетици грчки сточари дека фалсификувале документи за сопственост на пасишта за да присвојат милиони евра, веројатно со помош на државни службеници и политичари. Скандалот веќе предизвика министерски оставки, а ЕУ наметна високи казни за Грција поради лошо управување со средствата. Според властите, присвоени се над 22 милиони евра во периодот 2019-2024 година преку неточни податоци за земјиште.

Меѓу пратениците на кои им е одземен имунитетот е и поранешниот министер за инфраструктура и транспорт, Костас Караманлис, кој претходно ги повика колегите да го поддржат барањето на обвинителите бидејќи „нема што да крие“. Караманлис, кој поднесе оставка по железничката несреќа кај Темпе во 2023 година, изјави дека е решен да го исчисти своето име и дека обвинувањата се бесмислени.

Аферата сериозно ја разниша владата на Киријакос Мицотакис, што резултираше со пад на поддршката за Нова демократија во анкетите. Според последните истражувања, довербата во владејачката партија паднала на 25,7 отсто, иако таа сè уште води пред социјалистичката ПАСОК.

МИА