Швајцарската влада денеска соопшти дека поддржува вонсудско решавање на случајот со пожарот во бар во ски-центарот Кран-Монтана, во кој загинаа десетици лица, претежно млади.
Владата во Берн го назначи економистот и поранешен кантонален политичар Лоран Курт за претседател на тркалезна маса која треба да ги обедини жртвите, нивните семејства, осигурителните компании, потенцијално одговорните лица и институциите.
„Курт има богато искуство во управување со сложени процеси со многу засегнати страни“, се наведува во соопштението.
Целта е да се олесни дијалогот и да им се помогне на засегнатите да постигнат вонсудски договори.
Пожарот избувна за време на новогодишна прослава во барот „Ле Констеласион“, при што загинаа 41 лице, а 80-тина беа повредени, повеќето тешко.
Искри од пиротехнички фонтани ја запалиле пена на таванот. Сопствениците на барот, Џесика и Жак Морети, како и неколку градски службеници, се под истрага за небрежно предизвикување смрт, телесни повреди и пожар.
Објектот, спротивно на прописите, не бил проверен за противпожарна заштита од 2019 година.
МИА




