Нов земјотрес со магнитуда од 6,9 степени денеска повторно го погоди индонезискиот остров Суматра, соопшти Американскиот геолошки институт (USGS).

Новиот силен потрес се случи само неколку часа откако оваа југоисточноазиска држава веќе беше погодена од друг разорен земјотрес во текот на денот.

Епицентарот на новиот земјотрес бил во близина на градот Пематангсиантар, во индонезиската провинција Северна Суматра, на оддалеченост од 126 километри југоисточно од провинцискиот главен град Медан.

Утринава, најмалку 38 лица загинаа откако земјотрес со магнитуда од 7,7 степени ја погоди источна Индонезија.

На пространиот индонезиски архипелаг чести се земјотресите и вулканските активности поради неговата специфична географска местоположба на Пацифичкиот Огнен Прстен, кој претставува најактивен сеизмички појас во светот.

МИА