Ние, на денешната прес-конференција сакаме да го објасниме сценариото коешто е во режија на Мицкоски, поточно кажано во режија на српските и руските служби, а коешто за жал ќе го гледаме во наредниот период, пишува во денешното соопштение на СДСМ од прес-конференција на Андреј Жерновски, член на Извршниот одбор и секретар за меѓународна соработка, што МИА го пренесува интегрално.

Нас како СДСМ ни е должност ова сценарио да го презентираме пред граѓаните за да предупредиме што ќе се случува.

Не бевме на почетокот разбрани кога објаснувавме за српски свет, за Орбан, за Вучиќ, подоцна беше јасно дека тоа што кажувавме беше вистина.

Така да не треба да се има никакво сомневање дека ова што ќе го објавиме во овој период е вистина, затоа што тоа се информации до коишто доаѓаме и тоа од луѓе од кругови коишто многу добро знаат што ќе се случува кај нас како последица на она што се случува во регионот.

Мицкоски очајно бара алиби за избори. Внимавајте, самиот кажува дека не сака предвремени избори, но истовремено моли да му биде фрлена ракавица или веројатно поточен е изразот да му биде фрлена гума за спасување од страна на опозицијата. Тоа е неверојатно спротивно на она што самиот го кажува.

Уште еднаш на почетокот да му порачам дека СДСМ нема да биде алиби за ова сценарио во коешто тој има само улога, макар и главна, но не е режисер. Тој не сака да признае дека главниот проблем и главната причина зошто бара предвремени избори е празниот буџет.

Негов главен проблем се бројките. Тој има полни бројки во Собранието, има мнозинство и затоа му е тешко да објасни зошто воопшто и му требаат предвремени избори. Но, нема полни бројки кај резултатите од неговото работење и нема полни бројки кај буџетот.

Резултатите се нула, буџетот е нула. Испразнет. Поточно кажано, украдени се парите. Секоја недела имаме нови и нови задолжувања, меѓутоа тоа сценарио веќе не може да оди до недоглед и затоа се потребни вонредни избори.

Сето тоа се работи, сценариото е работење на лична материјална корист, но истовремено исполнување на руската и српската анти-ЕУ агенда, бидејќи единствено ним им одговара Македонија да остане надвор од Европската унија како некоја тампон-зона.

Ова, се разбира, му одговара и на Мицкоски лично затоа што со отворање на преговорите кај нас треба да почне да функционира европското законодавство или, што е уште поголем проблем за него, европско обвинителство.

Ако дојде европското обвинителство, тогаш се работи за испитување за криминалите. Се разбира, не сака да има истрага за аферите, за криминалите итн.

Внимавајте кој паралелно најавува избори? Нормално Вучиќ. Мицкоски мора да распише избори во исто време затоа што не може да си дозволи да му се повтори сценариото со Орбан.

Очекуваше од таму да дојде позитивен бран.

Видовме што му направија Унгарците на Орбан. Сега се плаши дека ако почека прво да има избори во Србија, а Вучиќ да заврши како Орбан, тогаш се знае дека следниот на дневен ред да заврши така е токму Мицкоски.

Затоа покрај 40% Орбанови медиуми во Македонија, тоа не беше доволно, па сега сведочиме за тешка српска медиумска артилерија којашто токму тој ја овозможува преку АЛО групата и лиценцата на Еуроњуз.

Сега сакам да дојдеме до основата, суштината на оваа прес-конференција, всушност до основата, суштината на сценариото коешто ќе го гледаме од Мицкоски, неговата партија.

Бугарите требаше да служат како главно оружје врз основа на што тој ќе добие политички поени и коешто ќе служи како алиби за изборите.

И тие, Бугарите требаше да служат како алиби до крајот на мандатот. Меѓутоа, тоа сценарио пропадна прво поради лагите коишто самите ги кажаа и второ затоа што тој проект се искомпромитира.

Зошто? Затоа што јавноста дозна за безброј бугарски пасоши во редовите на неговите пратеници и неговите министри. И не само што имаа бугарски пасоши, туку, внимавајте, излезе дека имаат еден куп бугарски фирми.

Откако пропадна тоа сценарио, сега јавноста, сакаме на ова да предупредиме, ќе биде сведок на ново сценарио.

Сега нема да бидат главен аргумент противник наш, односно алиби за избори, Бугарите, туку ќе бидат, внимавајте, Албанците.

Тоа сценарио не е само потребно на или за националистичката кампања на ВМРО, туку му е потребно и на Вучиќ. Вучиќ започнува со истите обвинувања, со истото сценарио, со истиот терк.

Ова алиби, мораме и тоа да го кажеме отворено, не е како сценарио смислено во главата на Мицкоски. Тоа е алиби којшто му го даваат руско-српските служби. Сценариото, се разбира, на сето она што се случува денеска, за жал, на политичката сцена од страна на владата е на Вучиќ, а Мицкоски има само главна улога.

Затоа сакавме денеска да зборуваме за и да предупредиме за тоа што допрва ќе се случува. Се разбира, ќе слушнеме повторно за некакви шарени револуции, ќе слушаме од страна на Мицкоски за некаква поделба, иако токму тој ја прави поделбата со тоа што ги нарекува граѓаните или опозицијата талог. А сите оние што не се согласуваат со него, сите оние што прочитаа дека е неспособен, дека се работи за криминалец, сите тие ги нарекува талог. Се разбира, тие што го поддржуваат само тие не се талог.

Наместо на најсветлиот државен празник Илинден да зборува за единство, да го искористи тој празник и да повика на единство, бидејќи премиер каков би бил инаку премиер ако не обединува, тој говори за поделби и оттаму ја интензивираше кампањата Талог.

Така и против претседателот на СДСМ, доктор Венко Филипче, со којшто пет години водеа морбидна кампања за модуларните болници, го нарекуваат убиец, го нарекуваат дури и доктор Менгеле. Не водејќи сметка дека доктор Филипче излегува пред своите пациенти како доктор и пред своите студенти како професор.

Значи, токму тие се користеа со трагичната судбина на оние што ги загубија животите во модуларната болница за да добијат политички поени со тоа што го напаѓаа лидерот на опозицијата.

Нас ни беше навистина важно да ова сценарио кое што претстои кај нас го обелодениме, затоа што сакаме со тоа да спречиме тоа сценарио да успее колку што можеме како опозиција.

Внимателно треба да следиме сите како граѓани и како општество што се случува во регионот.

Европската унија посочи дека работи интензивно, поинтензивно и ја забрзува интеграцијата на Црна Гора во ЕУ, затоа што увиде хибриден напад врз Црна Гора од страна на Вучиќ.

Зошто го кажуваме ова? Затоа што целта не е само Црна Гора, целта е и Македонија.

Но, во Македонија токму Мицкоски овозможува и широко ја отвора вратата за тие хибридни напади коишто доаѓаат од Вучиќ.

Како што со Орбан се спроведуваше акција за купување на медиуми во Црна Гора, во Хрватска, во Словенија, во Босна и во Македонија, денеска тоа интензивно го следиме и од Вучиќ.

Сето тоа го работи преку својот соработник Стоилковиќ и неговите исто така соработници коишто се всушност соработници на српската служба на БИА.

Повторно сето тоа се случува по моделот на Гебелс, а тоа е следниот: Обвинувај ги другите за она што сам го правиш.

Се разбира, позади оваа кампања на Мицкоски стои кој друг ако не Латас. Еднаш му служи на Груевски, потоа му служи на Мицкоски, но секогаш е посочуван како човек којшто им служи на српските служби.

Почитувани граѓани, бидете уверени дека СДСМ до крај ќе се бори да го разобличи ова сценарио.

Сакам да заклучиме заедно дека, за жал, ќе го гледаме повторно сценариото од 90-тите, дека, за жал, ќе гледаме вештачко предизвикување на судири и тоа во она што сè уште е кревко, а тоа е меѓуетничките и меѓунационалните тензии.

Македонија не смее ова да го дозволи. Сакам да порачам на крај дека СДСМ нема да учествува во ова сценарио.

СДСМ нема да биде дел од ова сценарио и нема да послужи како алиби за тоа што Мицкоски, односно Русите и Србите го смислија.

Граѓаните не заслужуваат режирана претстава. Граѓаните заслужуваат вистина, а СДСМ тоа ќе го овозможи.

Центар за комуникации со јавноста на СДСМ