Вицепремиерскиот тим на Зоран Заев од вчера е зајакнат со новиот вицепремиер Садула Дураки, министер за политички систем и односи меѓу заедниците инаку кадар на ДУИ.
Одлуката за унапредување на министерот Дураки во вицепремиер била донесена на вчерашната седница на Владата, а тој доаѓа на местото на разрешениот Хазби Лика, кој беше министер без ресор и вицепремиер за спроведување на Рамковниот договор и политички систем.
Дураки до неодамна беше министер за животна средина и пред реконструкцијата на кабинетот во оставката до Заев напиша дека „многу мали и големи проекти се спроведени од страна на министерството во перидотот на неговото раководење кои ќе остават траен позитивен белег во зачувување и унапредување на животната средина“.
– Не сакам да се фалам ама оставам траен белег во унапредувањето на животната средина, напиша Дураки.
Пред реконструкцијата на Владата во предлогот од Заев до Собранието на новите министри, во биографијата на Дураки беше наведено дека „има познавања од Интернет експлорер и Мајкрософт офис“.
Дураки неодамна во Собранието беше избран за министер во новоформираното Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.
Покрај Дураки во вицепремиерскиот тим на Заев се и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, Кочо Анѓушев кој е задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, како и Бујар Османи за европски прашања.