Дарко ЈАНЕВСКИ

Не знам зошто сите сте запнале за химната и за Тамарче. Голема работа, Гоце, Јане…! Оти вие очигледно не сте ја разбрале работата. Химната има три строфи. И тие треба да се научат. Ама тоа е процес. Како оној на Бујар 3-6-9. Па 18. И оп, датум! Мислите лесно е тоа? Плус без екстерно. Се заборава луѓе, се заборава. Не бадијала велат – еден е умот. А и на тој еден тешко му оди. Јас еве почнав од сега да ја учам химната, па белким ќе стигнам до Нова Година. Кога можеби ќе си ја испеам. Ама пустото, на Нова Година се пие. Почнува да ти лепи јазикот. Знаете, кога ќе дојде она: „Брат, многу те сакам…“ А до тебе седи жена. И може да ги заборавам строфите. Ненамерно. Ама ви се колнам дека е ненамерно. Па само ќе си свиркам. Лошо ли е тоа? Плус нели некои интелектуалци од ергелата на куци коњи на Заев ни рекоа дека Гоце бил на слива кога го убиле. Што ќе ви е таков човек да се срамите со него, и тоа ни помалку ни повеќе пред партнерот ни? Стратегија е господа тоа, стратегија. Мислите Стево Сидро туку-така им го даде на Бугарите? А вие, Тамара па Тамара.

Плус во ова време на компјутери, кој уште учи на памет? Не бива таа работа. Додуше и компјутерите се од Грујо, па кинески, па застарени, нови „немет“ што би рекле о’риѓани, па работата станува сериозна. Ама да се учи на памет? Ви се молам, тоа е надминато. Застарено. Така се учи само уште во САД, В. Британија, Германија… Затоа и не сакавме екстерно. Ете, кај Бугарите 50 000 деца доброволно се пријавиле да полагаат мини матура после седмо одделение. По математика. Од  нив, само секое петто дете знаело да препознае колку триаголници има во некоја фигура. Кај нас не е ни секое петто. Ама и за тоа се виновни Биагрите. Оти они порано имаа една поговорка која велеше: „Т’по, т’по, ама упорито!“ Сега веќе ја немаат. Зашто ние сме им браќа, па ни ја оставија нам.

Оти, претставете си ви се молам, да ви дојде детето, а вие нешто као замислени во фотелја го оправате светот и се грижите за прашумите во Амазон, застанува пред вас, не ви бара пари, не сака да му купите нешто – патики од 200-300 евра или чанта ала Рускоска, Шеќеринска или Бетка национале, не ве брка вечерта од дома за да прави забава, туку онака чудно, час ве гледа, час има поглед надоле, со раката ја витка маицата, го гледате дека нешто се стеснува, вие веќе сте со мисла во главата прашувајќи се што ли му се случило, а тоа ви вели:

„Јас сакам доброволно да полагам екстерно“. Како кај Бугарите. „Бог те ј.бо“, би рекле Србите (заради баланс ги споменувам, не за друго) на кои им удривме корпа по цел еден век љубов, каде ли тоа отишол светот? Шок! Ќе учел. На памет. Строфи, задачи, што ли…!

И добива шамар, се разбира. Онака, полн. Со широк замав. Пи… ти матер! Ќе учиш, а? Марш таму! Оди научи да украдеш нешто, така министер, директор, бизнисмен да ми станеш. За обвинител препорака да добиеш. Сакаш редовен, сакаш специјален. „На ти го-дај ми“ го пазар за судења да правиш. Да научиш Ставревски и Гордана по телефон да ги слушаш, з’ш ем гласчиња милни „имает“, ем смисла на живот „давает“. Газда на телевизија да бидеш. Тезга, рекет, џипови, приватни авиони, мрежа-чорапи… сакаш од СДСМ, сакаш од ВМРО. Човек да станеш, на паради песни без ненамерни грешки да ми пееш. А, тој ќе учел. Бараба глупава! Вагабонт! Пропалица!

Затоа и не ги сфативме оние родители и професори кои ги подбуцнуваа и дозволуваа гимназиските деца од пред некоја година да не одат на часови и да талкаат по улиците, демек за реформи да демонстрираат. Ние, со IQ 33 мислевме дека децата ги злоупотребуваат, дека глупавоста на нивните родители ја користат. За да може, на крај, по некоја година, да се дојде до името, до химната, до Гоце и Даме – Бугарите. Ние, мислевме, Боже прости ни, а и ти Петре Атанасов кој си тука негде, дека не се баш нормални, дека им фали нешто, оти па рака на срце, во меѓувреме и бизниси кај небањатите се тераа, и милиони се редеа, ете ги сега пола кај Вицето, а тие, душички пленумски напатени, ем родителски, ем професорски, да ти биле напредни. Реформисти. Гледале во иднината, а не назад, во историјата. Школо, книги, три строфи… глупости! „Мама има Мими и Мими има мама!“ Доволно ти е. Ајт сега, оди учи да крадеш нешто. Ама немој чоколадо или ќебапи. За тоа се лежи. И ‘бати мајката што така те воспитала.

А вие, пак сте запнале, три строфи, химна, Гоце, Јане, Питу… Замислете и Карев да не го исфрлиле на времето од песната. Кој тогаш ќе ја научеше? Дури ни Игор, Калиопи, Тоше…

Ха, а вчера и Заев се јави. Тој пак, вистински човек, рака на срце (ја шинав ракава од на срце ставање денеска ), си се грижи за луѓето. И ви рече да не сте го правеле Рашковски салата. За што, признавам, во право е. Замисли, влегуваш во кафеана, седнуваш, го подместуваш изместенот кариран чаршаф, гледаш на него дека денеска имаат шкембе чорба, гулаш и… третото не го распознаваш, ептен рано сабајле било, нарачуваш узо заради добрососедство, плус ракија не смееш за да не бидеш сељак, а вискито не ти се допаѓа оти е од исто буре и гранапче со коњакот од Банско, и бараш „Рашковски“ салата. Среќа што не е  „Русјаков“ салата. Оти не е „ин“. Со црна маслинка. И со љута пиперка. Оти и човекот е љут. Ама со два докторати. Љуто маже, ем умно. Кој сигурно би ги запомнил трите строфи. И би не честел со уште една. По свое. А после би брзал дома. За да гласа на Евровизија. И да биде „proud”.

Патем, како новинарските кученца на Заев денеска? Ав, ав Шарко лае… Ете гледате, и јас од нив имам нешто научено. И доста ми е. Една песничка. Сега одам кариера да градам. И некоја пара да заработам. Треба прво да се избањам или…? И каде ненамерна грешка да направам?