Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжува со реализација на капитални инвестиции и проекти кои обезбедуваат почиста животна средина, подобра комунална инфраструктура и повисок квалитет на живот за граѓаните. Преку значајни вложувања во регулирање на речните корита, изградба и реконструкција на водоводни и канализациски системи и пречистителни станици, Владата создава современи и одржливи услови за развој на локалните заедници и заштита на природните ресурси, вели Бисерка Златеска, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција, која МИА ја објавува интегрално.
Во таа насока, започната е изведбата на капиталниот проект за регулација на коритото на Сува Река, за што се обезбедни 376 милиони денари. Со уредувањето на оваа делница долга речиси 12 километри, од патот за с. Бојане до вливот во Треска кај с. Глумово, трајно се решава децениски проблем за илјадници граѓани.
Успешно е завршено уредувањето на коритото на Мала Рада, а во тек е и реализација на проектот за изградба на водоснабдителен систем во населеното место Лениште, во вредност од над 21 милиони денари.
Исто така, проектот за замена на водоводната мрежа на делови од булеварот „Гоце Делчев“ и улиците „Кузман Јосифоски“ и „Ленинова“, во вредност од над 7 милиони денари е во завршна фаза. Со реконструкцијата се намалуваат загубите на вода во системот и се подобрува квалитетот на услугите.
Почната е изградба на канализационен систем за отпадни води во село Враништа, општина Струга, инвестиција вредна над 91 милиони денари, целосно финансирана преку Вториот повик од Унгарскиот кредит. Овој проект опфаќа изградба на комплетна примарна и секундарна канализациона мрежа, поставување ревизиони шахти и приклучоци за домаќинствата, како и обезбедување контролиран одвод на отпадните води.
Во тек е и изградба на пречистителна станица во Чучер Сандево, која започна минатата година во октомври, а инвестицијата е во вредност од околу 70 милиони денари и значи континуирана надградба на системите за третман на отпадни води, зајакнување на инфраструктурата на локално и национално ниво и поздрава животна средина.
Обезбедени се средства и започната е реализација на над 300 инфраструктурни проекти од различен обем, вклучувајќи модерни водоводни и канализациски системи, како и пречистителни станици низ целата држава.
Овие проекти се темелите на зелениот пресврт кој го градиме и на кој Владата е целосно посветена. Ќе продолжиме да го зајакнуваме и партнерството со домашните и меѓународните партнери во справувањето со предизвиците од климатските промени, шумските пожари, нелегалната сеча, бесправната градба, нелегалниот лов и другите закани за природните ресурси, со единствена цел за поздрава животна средина и подобар квалитет на живот за сите граѓани.




