Откако раководството на „Битолски Монмартр“ однесе деца од Битола во Бугарија на средби со актуелниот бугарски претседател Румен Радев и со Симеон Втори, поранешен премиер и син на царот Борис Трети, реагираше Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ дека тоа е класичен политички маркетинг и ништо повеќе од злоупотреба на децата за политички цели, објави А1он.
Неодамна, како што објави порталот А1он, деца членови на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ во Битола, беа однесени во Бугарија на средби со бугарски политичари, а децата беа фотографирани со политичарите и објавувани во неколку бугарски и наши медиуми без дозвола од родителите.
– Секоја пригода кога политичар/ка ќе се сретне со дете и ќе биде јавно фотографиран/а може да се смета за кампања, и истата повлекува соодветна одговорност и бара јасен одговор кон што или кому таа средба и тоа фотографирање придонесува, колку таа постапка е во интерес на детето/децата или е за нечии други интереси? Овде станува збор за политичар и бизнисмен од Бугарија кои се сликаат со деца од Македонија и за тоа ги информираат бугарските гласила/медиуми, што е еднакво на политички маркетинг. За жал, наместо децата да се третираат сериозно, тука се користат како инструмент за политички цели, со изговор за развивање добрососедски односи. Констатацијата дека децата не биле политички злоупотребени, туку испратиле пораки за културна соработка меѓу двете држави во овој политички контекст сега и на начинот на кој е спроведена активноста, не може да биде ништо повеќе од злоупотреба на децата за политички цели“, велат за „А1он“ од Првата детска амбасада во светот.
Тие го повикаа Основното јавно обвинителство да постапува поради прекршување на правата на децата согласно Ковенцијата за правата на детето и член 12 став 4 од Законот за заштита на деца.
Целиот текст може да го прочитате во А1он.