Во организација на движењето на „жолтите елеци“, ширум Франција денеска се одржуваат нови протести од кои беше упатено „потсетување“ до Владата дека обновата на катедралата Нотр Дам не е единствениот проблем што треба да се реши во земјата.
Според француските медиуми, во текот на денешните, 23-ти по ред саботни протести на „жолтите елеци“, полицијата привела околу 70 лица.
Протест се одржа пред зградата на француското Министерство за финансии, од кој беше побарано намалување на даноците за работниците и пензионерите и зголемување на даноците за богатите.
Друга група „жолти елеци“ се собраа близу катедралата Нотр Дам, која беше сериозно оштетена во голем пожар меѓу понеделникот и вторникот, а трета група од околу 200 лица се обиделе насилно да влезат во Елисејската палата, при што биле спречени од полицијата.
Еден од лидерите на „жолтите елеци“, Пјер Дерие вчера на Фејсбук објави дека движењето „изразува негодување затоа што за четири дена е собрана милијарда за камења, а за сиромаштијата ништо“.
Француското Министерство за внатрешни работи вчера соопшти дека за време на денешните протести ширум Франција ќе бидат распоредени околу 60.000 полицајци, потенцирајќи дека нема да бидат дозволени собири околу Нотр Дам.