Најмалку 10 лица загинаа во уривање на џамија во Мјанмар по силниот земјотрес во оваа југоисточна азиска земја, пренесе ДПА повикувајќи се на новинската агенција Khit Thit Media.
Џамијата наводно се наоѓала во градот Мандалеј, во центарот на Мјанмар. Според извештајот, џамијата се урнала за време на молитва.
Новинската агенција, исто така, јавила дека се урнал и манастир во кој имало раселени лица во јужниот град Таунгу. Според очевидци, пет лица загинале, меѓу кои и деца, а неколку луѓе се уште се заробени под урнатините.
Силен земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала го погоди центарот на Мјанмар. Епицентарот бил на 16 километри северозападно од градот Сагаинг, на длабочина од 10 километри. Силни потреси биле почувствувани стотици километри подалеку во Тајланд и југозападна Кина.
Најмалку еден загинат, еден исчезнат и 50 повредени во уривање на зграда во Бангкок по земјотресот
Најмалку едно лице загина, а 50 други се повредени откако висококатница во изградба се урна во Бангкок по силниот земјотрес што во петокот го погоди соседен Мјанмар, соопштија тајландските власти.
Службите за итни случаи претходно соопштија дека 50 лица се наоѓале во зградата што се урна во паркот Чатучак по земјотресот што го погоди Мјанмар, Тајланд, а бил почувствуван и во југозападна Кина.
Силен земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала го погоди центарот на Мјанмар, соопшти Американскиот геолошки институт. Епицентарот бил на 16 километри северозападно од градот Сагаинг, на длабочина од 10 километри, соопшти USGS.
Силни потреси биле почувствувани стотици километри подалеку во Тајланд и југозападна Кина.
Зградите во Бангкок обично не се дизајнирани да издржат земјотреси, па штетата може да биде значителна, пренесе Би-Б-Си.
Тајландската влада одржува итен состанок.
Фото: ЕПА