Штипјанец кој настрадал во својот стан во пожарот изутринава е трета жртва во Македонија за 24 часа, по пожарот вчера во скопско Шуто Оризари каде настрадаа две деца, братче и сестричка.
Денешната жртва на пожарот во Штип е 42-годишен маж, кој настрадал во својот стан. Пожарот избувнал на петиот кат во зградата на булеварот ЈНА во штипската населба 8-ми Ноември утрово околу 10: 30 часот, по што соседите веднаш ја повикале Единицата за противпожарна заштита.
– На лице место имавме 3 возила и 10 пожарникари. За кратко време пожарот го локализиравме, изјави Тони Георгиев од ТППЕ Штип.
Како што објаснуваат очевидците, во станот горела само една соба, а пожарникарите спречиле огнот да се прошири на покривот и на соседните станови. Од СВР-Штип потврдија дека во пожарот починал 42-годишен маж, кој во станот живеел сам.