Предлозите за измени на деветте закони поврзани со коридорите 8 и 10 со кои ќе му се олесни процесот на изградба автопатите на изведувачот „Бехтел и Енка“ поминаа на дневниот ред во Собранието и собраниските комисии ќе расправаат за амандманите поврзани со нив.

Спорните измени на девет закони кои ги предложија пратеници на СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците, предизвикаа револт кај граѓаните и организациите за заштита на правата, како и кај археолошките здруженија кои утрово излегоа на мирен протест поради измените во законот за заштита на културното наследство, пренесе А1он.

Со измената на тој закон и на законите за за земјоделско земјиште, за експропријација, за урбанистичко планирање, за минерални суровини, за работни односи, за шумите, за градење како и за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10 се иззема надлежноста на релевантните институции и изведувачот на автопатските делници, американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ добие огромни привилегии.

– Ги фативте пратениците од опозицијата на препад, а за што. За еден конзорциум кој во Косово, Албанија, Хрватска и Романија исто така гради сомнително. Со овие девет закони го земаме цел правен систем и го свртуваме на глава. За „Бехтел и Енка“ не важат никакви закони. Значи они ќе газат преку шуми, преку земјоделски земјишта, треба да газат преку археолошки наоѓалишта, ќе кршат работнички права, што сакаат ќе прават за наши 1,7 милијарди евра – реагираше пратеникот на Левица, Борислав Крмов.

Со измените на законот за експропријација, државата ќе им плаќа оштета на сопствениците на земјиште по пазарни цени дури и да имаат бесправно изградени објекти. Потребен ќе биде само имотен лист кој докажува дека земјиштето е во сопственост на лицето на кое му се експропира имотот, како и доказ за поднесено барање за легализација на дивоградбата.

За експропријација државата процени дека ќе бидат потребни 300 милиони евра од Буџетот. Новина ќе биде тоа што „на стратешкиот партнер ќе му се даде во владение експроприраниот имот веднаш штом одлуката за експропријација стане конечна, без потреба таа да стане правосилна“.