Романскиот премиер Флорин Читу денеска преку романските медиуми по големиот пожар во ковид болницата во романскиот град Констанца најави разрешување на директорот на болницата каде се случи трагедијата во која загинаа најмалку седум лица, објавува News.ro.

Тој исто така најави оставка и на првиот човек на Националната агенција за управување со квалитетот во болниците.

-Донесов две одлуки, го повикав градоначалникот на Констанца и го замолив да го разреши менаџерот на болницата, а ја потпишав и наредбата со која се разрешува претседателот на Националната агенција за управување со квалитетот во здравството (ANMCS) кој не направил никаква проценка во болницата откако ја презел функцијата.

Читу додава дека неприфатливо е да се случи ваква трагедија која е трета по ред во романските болници само оваа година.

Инаку досега седум лица загинаа во пожарот што денес избувна во ковид одделението за интензивна нега, во кое се лекуваат пациенти со ковид-19.

Видео снимката покажува како пациентите скокаат од прозорците од пониските нивоа на болницата, а пожарникарите носат луѓе.

Единицата за итна помош во земјата првично соопшти дека девет лица загинале, но министерот за транспорт Лусијан Боде подоцна рече дека имало погрешна комуникација помеѓу пожарникарите и болничкиот персонал.

Пожарникарите го изгаснаа пожарот во болницата во источниот град Констанца околу 7 часот и 55 минути, по што на лице место пристигнаа дополнителни тимови од околните окрузи на земјата.

Бесните роднини на пациентите се собраа пред болницата во знак на протест, а обвинителите отворија истрага за причините за пожарот.

Во февруари, во пожар загинаа четворица пациенти во ковид-болницата во главниот град Букурешт. Минатиот ноември, пак, 10 лица починаа на одделение за интензивна нега во окружната болница Пиатра Неамт.

„Згрозен сум од трагедијата“, рече претседателот Клаус Јоханис во изјавата. „Тоа е нова ужасна драма која го потврдува недостатокот на инфраструктура во романскиот здравствен систем, ставена под незамислив притисок од четвртиот бран на пандемијата“, додаде тој.