Во моментов повеќе од 300 колеги од Управата за јавни приходи се во сите подружници на КАМ маркетите, заради утврдени соодветни неправилност, информираше во вечерашнава Топ Тема, директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска.

„Согласно она што го утврдивме од теренските контроли во изминатите два дена, сметаме дека во интерес на граѓаните и во интерес на она што значи зачувување на стандардот, имаме обврска, професионална и морална, да постапуваме“, изјави Лукаревска.

Во досегашната работа на УЈП, утврдено е дека одредени производи не се ставени во стапката Г во која требало да бидат ставени. Кај одредени деловни единици константирано е дека тоа што значи основен производ и е во делот на одлуката на владата, не се почитува до крај.

„За такви големи даночни обврзници неспорно е дека ќе мора да се почитуваат законските обврски. Добивме и соодветни други сознанија, во делот на работењето, така што сега би било најсоодветно да ја направиме онаа генерална контрола, да ги земеме сите документи кои ни се неопходни и да видиме дали ќе има разлика меѓу она што значи материјално и финансиско работење, со она што значи сметководствена евиденција, која ја има соодветниот даночен обрвзник. Добивме огромен број поплаки од потрошувачите, односно граѓаните“, потенцираше Лукаревска.

Под лупа се 84 објекти на КАМ маркетите во целата држава, потенцираше Лукаревска.

Таа кажа дека акцијата ја спроведуваат инспектори и контролори и други овластени лица.