Не сум заинтересиран за козметичка туку за суштинска реформа во образованието базирана на кредибилни анализи од кредибилни институции, изјави денеска министерот за образование и наука Арбер Адеми.
-Ние сакаме реформи базирани на податоци, на кредибилни анализи од кредибилни институции. Затоа е спроведена анализата на целокупниот образовен систем од страна на ОЕЦД по прв пат во земјата. На работилница во јануари ги разгледавме сите препораки и веќе имаме два нацрт закона кои беа и се уште се дел од јавната дискусија каде се инкорпорирани сите препораки од Извештајот на ОЕЦД и УНИЦЕФ, но и во линија со тоа што е предвидено со Стратегијата за образование од 2018 – 2025 година, вели на новинарско прашање Адеми кој денеска се обрати на јавната дебата за воспоставување Регионални центри за Средно стручно образование и обука во Република Северна Македонија.
Според него, не ретко во образованието се креирани политики базирани на перцепции.
-Не сум заинтересиран за козметичка реформа, туку за суштинска реформа, и денешната трибина е во таа насока со наши долгогодишни партнери кои се дел од реформските процеси во РСМ да ги спроведеме и идните реформи, но реформи базирани на податоци, а не на перцепции. И ова се случува по прв пат оваа година. Од сите наши меѓународни партнери добиваме и писмено поддршка за тоа што го правиме со овие нацрт-закони. За што сме заинтересирани, за козметичка реформа? Од мене не го очекувајте тоа, вели Адеми коментирајќи ги реформите во образованието и оставката на заменик министерот за образование Петар Атанасов.
Во врска со јавното писмо од страна на инспекторот Илиевски дека извршил притисок врз него за да не ги достави забелешките од извршениот инспекциски надзор во Тетовскиот универзитет, министерот Адеми кажа дека не би сакал да коментира вакви изјави и уште еднаш ги повика и охрабри институциите доследно да ги применат сите законски прописи.
-Ако се утврди дека за некого треба да има и да сноси одговорност, нека сноси. Вие сте новинари и ве почитувам до небо, но треба да направите анализи како постапувале порано во вакви случаи. Кој е просекот по Второстепената комисија, во судските процеси кога членови од академската заедница биле „прогонувани“ од страна на одредени инспектори и како завршиле тие постапки, бидејќи не е прв пат да се води ваква постапка, но можеби е прв пат вака да е презентирана пред јавноста. Затоа, барам доследна примена на законските прописи. Јас сум Арбер Адеми министер за образование и наука и јас работам по мојата агенда, рече Адеми.