Поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник Антонијо Милошоски, кој вчера за случајот Зоран Заев со руските комичари рече дека е дипломатски скандал, денеска открива нови детали за комуникацијата на Заев со поранешниот украински претседател Петро Порошенко.
– На лагата ѝ се кратки нозете, на Заев исто така. Заев во обид да го покрие срамот и нанесената штета врз угледот на Македонија, јавно излажа дека остварил средба со претседателот Порошенко во Давос, Швајцарија (економски форум 21-26ти Јануари 2019). На вчерашната прес конференција во Владата, новинарка постави прашање „дали претходно имало остварено комуникација на кабинетите за да има ваков разговор (со лажниот Порошенко)?” Заев одговори: „Како не. Секако. На официјалните состаноци што ги имаме, како состанокот што сум го правел со претседателот Порошенко во Давос, на пример, сме разговарале затоа што и определбата на Украина е за НАТО, а нормално затоа што тој важи за еден од сопствениците на големите фабрики за чоколадо, па да го поканам да инвестира во нашата земја, тоа е странска инвестиција.” Но, во владиното соопштение со наслов „Заврши учеството на премиерот Заев и владината делегација на форумот во Давос: Остварени средби од интерес за економската иднина на земјата”, кое е објавено на 25.01.2019 во 16:04 минути, наведени се средбите со Марјан Шарец (Словенија), Хашим Тачи (Косово), д-р Денис Звиздиќ (БиХ), Јенс Спан (Германија), Кристалина Георгиева (СБ), Јоханес Хан (ЕУ), Столтенберг (НАТО) и Џорџ Сорос. Никаде не е спомената средба со тогашниот претседател на Украина, Порошенко, а имајќи ја предвид скромната листа на државници со кои Заев, Анѓушев и Бектеши се сретнале, доколку таква средба била остварена, сигурно ќе ѝ било соопштено на јавноста, пишува Милошоски на Фејсбук.
Тој натаму додава:
– Истовремено, доколку внимателно се разгледаат и официјалните соопштенија на Svyatoslav Tsegolko, гласноговорникот на претседателот на Украина од тој период, ќе се види дека Порошенко на форумот во Давос се сретнал со претседателот на Бразил, Кина, Германија, Полска, Шпанија, Швајцарија, Хрватска, Белгија, Литванија и Ерменија, како и со ген.сек на ОН и претседателот на Меѓународниот црвен крст. На крајот, дека премиерот Заев немал средба со украинскиот претседател Порошенко на економскиот форум во Давос во јануари 2019 година потврдено ми е и од релевантни извори во македонското Министерство за надворешни работи. Доколку Заев навистина се беше сретнал со Порошенко во Давос, сигурно и ќе му се пофалел за долгиот телефонски разговор на WhatsApp од пред 6 месеци, ќе дознаел дека тоа е местенка, и барем следните два компромитирачки телефонски разговори немало да се случат. Но, бидејќи Заев неуспешно се обидува со нови лаги да ги покрие старите скандали, а со тоа и свесно ги манипулира новинарите и граѓаните на Македонија, најдобро е да даде оставка како премиер и со тоа да ја намали штетата по угледот на државата што ѝ го нанесува со неговите дипломатски скандали, објави Милошоски.