Попладнево започнува редовниот дводневен јунски состанок на шефовите на држави и влади на Европската Унија. На дневен ред, пред сѐ, миграциските предизвици на Унијата, за кои малкумина очекуваат дека лидерите ќе успеат да изнајдат убедливо европско решение.

Иако не е единствена тема на дневен ред денеска за лидерите, миграцијата веќе се најавува како најжестоката дебата, во контекст на длабока поларизација помеѓу земјите членки. Додека едни се надеваат на заедничко европско решение, други сметаат дека се потребни брзи одлуки за да се надминат, пред сѐ, внатрешни национални кризи.

Таков е случајот со Германија, каде коалицијата на канцеларката Ангела Меркел виси на конец, под ултиматум на министерот за внатрешни работи, кој и даде на Меркел до почетокот на јули да изнајде решение. Без тоа, тој планира да ги спречи овие “секундарни движења“, односно да ги враќа мигрантите назад во земјите на ЕУ од каде што стигнале во Германија.

Друг проблем за Меркел е позицијата на новата италијанска влада, во коалиција со екстремната десница, од каде доаѓа министерот за внатрешни, Матео Салвини. Италија предупреди дека доколку ЕУ сака одлука за овие секундарни движења на мигрантите низ ЕУ, ќе мора претходно да се постигне договор за приемот на мигранти и азиланти на пристаништата.

Имено, Италија е земјата која го носи најголемиот товар откако “балканската рута“ беше затворена и откако се склучи договор со Турција да ги задржува барателите на азил на своја територија во замена за финансиска помош. Притоа, бројот на бегалци од Сирија е значајно намален, додека сега најголемиот број мигранти доаѓаат од Африка преку Медитеранот.

Италија исто така бара француско-шпанскиот предлог за отворање “хотспотс“, или точки за прием на мигранти, да не биде само за италијанските пристаништа. Но Франција се крие зад принципот дека во случај на спасување во море, бродот треба да застане во најблиското пристаниште, и со тоа да избегне тие бродови да пристигнуваат во Франција.

Мадрид и Париз предлагаат мигрантите да пристигнуваат на едно место на територија на ЕУ, во  еден вид затворени центри, или “подобрени хотспотс“ како што ги нарекуваат дипломатски. Овие центри би биле управувани од страна на ЕУ, јавува дописничката на МИА во Брисел.

Проблем е што концептот на квоти за распределување на мигрантите наиде на огромен отпор од страна на поновите земји членки како Унгарија и Полска, но и претседателот на Европскиот Совет, Полјакот Доналд Туск.

Туск нуди “регионални платформи за излез“, односно затворени центри надвор од ЕУ, во земји на потекло или на транзит на мигрантите. Се споменуваа балканските земји, посебно Албанија, но пред сѐ неколку земји во Северна Африка. Проблемот е што до  сега ниту една трета земја не прифатила да се отворат такви центри на нејзина територија, додека Шведска, Франција и Германија се сомневаат во легалноста на ваквиот предлог и бараат експлицитна поддршка од УНХЦР (агенцијата на ОН за бегалци, нз) и од Меѓународната Организација за Миграција.

Комесарот на ОН за бегалци во писмо испратено до бугарското претседателство напиша неодамна дека би бил подготвен да поддржи ваква идеја доколку не се става во опасност правото на азил.

Имено, нејасно е кои мигранти би оделе во овие центри: дали оние на кои им бил одбиен азилот во ЕУ? Оние кои чекаат одговор за барањето за азил?

Многу прашања остануваат нејасни и неодговорени, и во контекст на толку силни разлики помеѓу сите страни, неизвесно е дали денеска Самитот ќе вроди со конкретно решение на европско ниво, или дали ќе заврши со билатерални и трилатерални договори, како што неодамна навести Ангела Меркел.