Европската унија ќе додели околу 30 грантови во висина од по 50.000 евра за проекти за развој на туризмот во шесте економии од Западен Балкан, беше наведено на денешната конференција за промовирање на проектот за „Развој на туризмот во земјите од регионот“ во Сараево.

Како што јави известувачот на МИА од Сараево, проектот ќе биде имплементиран во сет од линеарни активности кои повеќе или помалку ќе се повторуваат во тригодишен циклус. Активностите на проектот ќе бидат водени на база на анализи на политиките за развој на туризмот, како и пречките околу нив, со што ќе се придонесе за развој на регионалниот туризам, вклучувајќи слободен проток на туристи, како и културни и авантуристички тури и понуди.

Во текот на проектот ќе бидат распишани три понуди, каде ќе можат да аплицираа со проекти сите заинтересирани.

Андреа Вера, шефот на секцијата на операцијата за економски развој, природни ресурси и инфраструктура при ЕУ, истакна дека таквите проекти и се значајни на Унијата бидејќи претставуваат еден од начините за да им се помогне на земјите од Западен Балкан за пристапување кон ЕУ.

– Проектот добро се надоврзува на документот што се нарекува комуникација на ЕУ за стратегијата за пристапување односно на два сегменти од тој документ кои се однесуваат на економско-социјалниот развој и помирувањето и добро соседските односи, нагласи Вера.

Тој посочи дека конкретно проектот ќе помогне за да се препознаат така наречените културолошки дестинации, да се препознаат местата во секоја земја одделно кои можат да се искористат за туризам, да се промовираат дестинациите и преку тоа да се зголеми бројот на посетителите, со што ќе се зголеми обемот на работа, а тоа ќе помогне за развојот на економијата во Македонија, Албанија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина и Косово.

– Во регионот дури 24 отсто од извозот е всушност преку услугите кои ги извезуваме преку туризмот. Проценето е дека во овој момент пет отсто од вработените, работат во туристичката индустрија, како и дека пет отсто од бруто домашниот производ во регионот е од туризмот, информираше Горан Свилановиќ, генералниот секретар на Советот за регионална соработка.

Свилановиќ потенцираше дека главна цел на проектот е да се обединат сите кои се занимаваат туризам, како и владините претставници од шесте земји од Западен Балкан и да договорат заеднички регионални туристички понуди, како и регионални туристички рути кои се базираат на нивното културно и историско наследство.

– Советот, благодарение на финансиската поддршка од ЕУ, ќе може да додели грантови со кои ќе се инвестира за развојот на туристичките рути, посочи тој.

Алализата за определувањето на рутите и доделувањето на грантовите ќе биде спроведена низ истражување на теренот, вклучувајќи ја позицијата на владините институции, како и преку состаноци со претставниците на приватниот и цивилниот сектор и културните институции.

Иницијалната анализа ќе формира одлука околу тоа кои културни и авантуристички рути ќе бидат развиени и промовирани преку прокетот.