Дарко ЈАНЕВСКИ

Значи, играта со народот на кого директно му се порачува дека е глупав, продолжува. Катица Јанева поднесува оставка и тоа неотповиклива, ама таа ќе важела кој знае од кога. Така ова е уште еден случај за правните анали, кога прв човек на ЈО поднесува неотповиклива оставка, ама ќе важела откако ќе се соберел тутунот. И наплател.

Истовремено, оставката била – ова читајте го внимателно со икона и крст до вас или ѕвезда петокрака ако сте атеист – за таа да не пречи на евроинтеграциите на Македонија оти нејзината смена била услов за да се постигне договор за новиот Закон за ЈО со кој ќе се легализира неуставната дивоградба СЈО. Така, уште и жртва испадна женава. Таа би сакала вториот Сава Ковачевиќ од Сутјеска да биде. Штета што децата веќе не ги носат на оние екскурзии како порано. Одиш на Сутјеска за Сава Ковачевиќ и после тоа на специјална екскурзија за Катица Јанева во нивите кај гевгелиските смокви. Едниот жртва за Југославија, другата жртва за Македонија. Северна. Која и лежи на срцето. И во џебот.

Интересно, откако храбро загина нашиот Сава Ковачевиќ од Гевгелија (Чарлиев ангел беше, а копуци мои драги?) загина и Боки 13. Види, види, момчето (или што ли веќе е) рекетирало. Оти поскапеле мрежестите чорапи во бутиците низ Милано. Арно ама, тој рекетирал некој бизнисмен, ете никој во Скопје и Македонија не го знае неговото име оти луѓето се глупави, нели, за да му среди работа кај некој обвинител/ка. Чие име исто така никој не го знае, оти да повторам, луѓето се глупави нели? А референците се – слабо знае да чита, слабо стои со правото, но добро се снаоѓа со шурувањата.

И веројатно прв пат ни се случува (ако не се лажам, најмногу втор пат) Јавниот обвинител на Македонија, не оние пердувестите од СЈО, туку ЈО на РМ, заедно со неговата десна рака од „27 април“ со срамната кавлификација за тероризам поради која ако не одговара еден ден, можеме уште сега да ја „запалиме“ Македонија и да се отселиме, држат прес конференција заради отврена истрага за Бокица. Прес за отворена истрага! Боже мили! И тоа во состав: Јовевски, Рускоска и уште некоја обвинителка таму. Драматично. За жилет и вени. Седиш дома или на работа, го гледаш пресот и би требало, така некој побегнат од „вилата“ кај Бардовци смислил, да си кажеш дека конечно, два дена по Павловден, Павле уште стапнал во Македонија. И донел правда.

А всушност се работи за срамен обид на Јовевски и Рускоска да се покрие Катица Јанева. Не дека кулата од карти не се урива, што би рекол еден мој пријател, еве да го поздравам, се урива и тоа со тресење, ама сето ова всушност е да се спречи да нема прашина како онаа кога беа урнати кулите близначки во Њујорк. Точно, таму, отидоа занавек невини луѓе, овде целта е да го жртуваат оној со чорапчињата кој не е баш невин, патем за ушите зборувам (барем нa кратко, засега можете да се обложите дека ништо сериозно нема да му се случи, под услов да биде мирен како Џеки) и да биде спасен пуленот обвинителски кој од 2015 година служи за подбив и на небањатите и на бањатите. Не е за подбив само кај правната фела, бидејќи за таа тајфа и Катица и Фатиме се Кацарска, а Кацарска им е Џемс Спајдер од „Бостон легал“. Заедно со Џон Робертс, првиот човек на Врховниот суд на САД.

Значи, Катица поднела неотповилива оставка, но оставката е зашто не ја бива, зашто СЈО има углед на „Три фазана“ од Конопиште, всушност, помал углед и од тоа. И затоа што таа нема врска со Бокица, нели?

И сега, ако Катица не ја бива, а не ја бива, ако тие околу неа се мала група шарлатани кои можат само да уценуваат и ништо друго летајќи на крилјата на Северна, а не на кривичното право, крилја кои ги подмачкуваат некои други, на запад од Северна, која комедија е да дава неотповиклива оставка, ама која ќе стане неотповиклива кога неотповикливо ќе биде избран друг на нејзиното место? Отприлика како хируг кој убил човек зашто му го извадил панкреасот наместо слепото црево на пациентот, а да го оставите додека донесете друг. Паметниот би рекол – подобро без овој, будалиот би го оставил овој што вади панркеас по грешка, ама би се обидел да го направи пациентот глупав. Молчи ти, од каде се разбираш во овие работи? Е, токму тоа и ни се случува.

Второ, кој е тој обвинител/ка кого Јовевски и Рускоска го кријат, а врз кој Боки имал влијание? И како се остварува тоа влијание без обвинителот/ка да примил пари? Затоа што се другарчиња? Одат на кафе, па овој му го размешува млекото во кафето и го моли да му заврши ситна работичка за бизнисмен кој во џепчето има милион ипол евра, а бандава го проверила дека има уште пет да плати? (патем случајот за бизнисменот ќе паднеше од формални причини, но после како курва ќе го преземеа и други обвинители). Вие мислите луѓето се од лудница излезени, па не гледаат што играте? А Јовевски?

Патем, како тогаш таков обвинител се уште седи во канцеларијата? А, копуци мои драги, како?

И уште еднаш: Како тоа некој си Боки 13 имал „влијание“ врз обвинител, а тоа влијание не е врзано со поткуп на тој обвинител/ка, односно не е врзано со лавовски дел од тие осум милиони кои биле барани? Кого залажувате, кого мафтосувате со театарски игри кои не се достојни ни за првоодделенска претстава при поделба на сведителства?

Трето, ако постапката која доведе до денешната театарска претстава на Јовевски и Рускоска, комбинирана со херојската оставка на Катица Сава Ковачевиќ, за да не биде пречка да се европеизираме, а не да се спаси поради хаосот и рекетот во СЈО, почнала на почетокот на мај, каква коинциденција е тоа кога истото всушност се поклопува со јавната тајна која ја знаеше секој келнер во Скопје, не пак поупатените, за снимката која бизнисменот ја обезбедил кога му побарале уште пари. Всушност, тоа се поклопува со фактот дека цело Скопје и пола Македонија знаеја што се случило, да не зборуваме за оние „пријатели“ на Северна Македонија од странство кои колку повеќе даваа изјави дека СЈО врши голема работа, толку повеќе тие, но пред се нивната земја, без изложени на постмев дури и кај типови на ниво на Бекир Асани, Курто Дудуш и Амди Бајрам, да не зборуваме за малата скала повисоко која се нарекува професор по кривично на некој правен факултет. Општ мајтап и хаос на нивото на она фамозното на Младен Делиќ од Сплит: „Луѓе мои, што е ова? Лудница!“

И да не зборуваме за тоа дека овој бизнисмен е само дел од вкупната игра во која се вклучени повеќемина. И кои, исто така го имаат документирано „влијанието“. Таму каде што треба, а тоа секако не е канцеларијата на „капо ди тути…“. Има време! Уште малку!

Е, на крај, која е целта на сето ова? Еве го резултатот што се обидуваат да го постигнат:

-Заев глуми правна држава и ја зацврстува волјата кај неговите симпатизери дека конците не се испуштени од рака и дека ако треба, еве и Боки ќе го уапси. И се разбира, дека ќе победи на избори, па не мораат да стравуваат дека ќе завршат таму каде што треба да завршат.

-Рускоска, инквизиторот со Кацарска од „27 април“, влегува во шемата на независен и објективен обвинител. И Јовевски разбира се. Ако Рускоска можела да го уапси пуленот на комуњарите и на скопскиот крем чие ниво го има опишано Нушиќ преку „Г-ѓа министерка“ и „Сомнително лице“, тогаш, сосема логично, нејзините постапки за „27 април“ мора да се во ред, нели? Скапете Јане и Горан таму!

Катица, веќе рековме, се извлекува како Сава Ковачевиќ, а оние кои не ја сакаат, ја добиваат својата коска за глодање во фактот што еден убав ден таа ќе си оди, така што и тие победиле. И победуваат. Секој ден.

И така, сите се задоволни и среќни. А народот си доби уште потврда дека го сметаат за глупаво тесто за месење кое, додека наоколу бандите вртат милиони, додека отворено се рекетира низ цела држава и тоа од врвовите на истата таа држава, тој треба да биде среќен за себе, а со жал за кутрите кои денот, ноќта и животот си го жртвуваат за него.

Ех да, уште еднаш, кога сме кај неотповикливата оставка на Јанева. Дали некому му падна на памет, како СЈО ќе ги води постапките понатаму со прв човек кој единствен има овластување да го претставува СЈО (останатите тоа можат само со нејзин потпис бидејќи се нејзини потрчковци), а е во „неотповиклива оставка“. И ова ни се случува само неколку дена откако Заев призна дека лепел, сечел и монтирал снимки (за Мартин Нешковски) со што го урна целиот концепт на СЈО, бидејќи никој не може да гарантира што се не е сечено, лепено и монтирано, а потоа врз база на тоа фризирано како постапки со докази кои не се докази?

Е, да, Јовевски нема да го гони Заев за поттикнување насилство на 5 мај 2015 година со лажната снимка за Мартин Нешковски. Не бил на часот кога била таа лекција. Со Катица биле во бифе. Ах, младост – лудост.

ПС: МВР инаку наводно и влегува на Катица во стан, некаде на Ленинова во Скопје, односно Аминта Трети би било тоа. Четвртиот чин е тоа. Земете ги семките и пуштете си ги Солунски патрдии. Посмешни се.