Научници од американскиот Геолошки институт открија езеро на дното на кратерот на најактивниот вулкан на Хаваите – Килауеа, што е доста несекојдневна појава.

Истражувачите наведуваат дека вулканот ја загрева водата во езерото, односно во кратерот во кој некогаш имало лава. Температурата на водата е околу 70 Целзиусови степени.

Лавата во кратерот исчезна лани, кога Килауеа престана да еруптира, првпат по повеќе од 30 години.

Геологот Мет Патрик смета дека е тешко да се одреди колку е длабока комората на магмата под дното на кратерот. Огромни количини гас постојано избиваат на површината.

Се верува дека областа и натаму е непристапна и опасна, токму поради гасот и другите ризици кои се присутни.