Курбанот е страшен грев за христијаните, бидејќи чинот на ритуално жртвување на животните и на пример, попрскување на темелите на нов дом со животинска крв, не е ништо друго туку хула на Христовата жртва, вели Викарниот Епископ Јаков Стобиски.
Тој објаснува чиј и каков обичај е курбанот, принесувањето крвна жртва во различни животни ситуации:
– Зборот курбан (тур. kurban) е од турско потекло и неговото пошироко значење подразбира жртвување животно, кое во религиозен контекст му се принесува како жртва на Бог, чин што сѐ уште е актуелен во исламот, од каде што, ќе потенцирам, како девијантна пракса, туѓа на Црквата, се вовлекува меѓу нашиот народ, веројатно како оставнина од петвековното турско ропство. Како и да е, во Црквата Христова нема простор за таквиот обичај, затоа што христијаните, новозаветниот народ Божји, веќе имаат своја бескрвна Жртва, која самата по себе е совршена и нема никаква потреба од друга додатна, а уште помалку животинска жртва, објави Стобиски на Фејсбук.
Понатаму дообјаснува детално за курбанот, кој не ретко го практикуваат и православни христијани:
– Во Стариот Завет жртвувањето на пасхалното јагне е само праобраз на, како што вели свети Јован Крстител, Јагнето Божјо, Кое ги зема гревовите на светот. Еднаш засекогаш за нас е принесена жртва (курбан), и овде завршуваат сите други жртви. Жртвата на Единородниот Син Божји, Кој ја пролеа Својата крв за да го исцели и избави од смртта секој човек, од Адам до последниот роден од жена. Токму поради тоа, курбанот е страшен грев за христијаните, бидејќи чинот на ритуално жртвување на животните и на пример, попрскување на темелите на нов дом со животинска крв, не е ништо друго туку хула на Христовата жртва, која Тој ја направи вечно актуелна и присутна во Светата Литургија на Црквата, и која се принесува за сите и за сѐ, пишува Викарниот Епископ Јаков Стобиски.