Мицкоски и Милошоски да соопштат јавно кои им се вистинските намери и до кога планираат да ја мачат С. Македонија и нејзините граѓани, истакна денеска на прес-конференција портапролот и пратеник на СДСМ, Костадин Костадинов.
– Опозициската ВМРО-ДПМНЕ со сите сили се труди да наметне перцепција во јавноста дека скандалот „Рекет“ е сличен со 11 годишниот пустош на режимот на Груевски и Мицкоски. Не е и никогаш не може да стане! Ние не сме и никогаш нема да бидеме исти! Сега секој кој се огрешил пред законите одговара и ќе одговара. Никој не бега од правдата! Разликата е огромна! Правосудните органи ја вршат работата во рамки на своите надлежности ослободени од каков било притисок од извршната власт, што не беше случај со владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Тешко лицемерие е Милошоски да обвинува кој било друг за криминал кога 11 години беше најблизок соработник на почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и нивен вистински партиски шеф. За потсетување, токму Милошоски е дел од предметот Моќник каде постојат основани сомненија за сторена злоупотреба на службената положба и овластување, рече Костадинов.
И повторно удри врз „режимот на бегалецот“:
– Додека бегалецот од правдата во Будимпешта си ужива во нелегално стекнатото богатство, оние кои од него се злоупотребени лежат во затвор. Наместо да бараат оставки и да се занимаваат со опструкции, Мицкоски и Милошоски нека соопштат јавно кои им се вистинските намери и до кога планираат да ја мачат Северна Македонија и нејзинитe граѓани? До кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ги загрозува евроатланските интеграции за да ги спасува инкриминираните сегашни и поранешни сопартијци? Ја користам оваа прилика уште еднаш јавно да ги повикам опозициските пратеници да не го опструираат новиот закон за Јавно обвинителство. Граѓаните и сигурната иднина на С. Македонија не можат и понатаму да бидат заложници на неодговорни политичари на кои личните интереси им се поважни од државните. Реформите кои се во интерес на граѓаните, правдата и државата, продолжуваат, рече Костадинов.