Во текот на оваа седмица започнува процедурата, 116 деца – бегалци без придружба да се поврзат со нивните семејства и од грчките острови и прифатните центри да бидат пренесени во други земји од Европската унија, додека пак во следните три седмици ќе следи процедурата за останатите 250, рече портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите.
Ова, воедно е и една од владините одлуки во рамките на итните мерки за справување со бегалското/мигрантското прашање, исто како што е и пренесувањето на бегалци и мигранти од островите во други делови на Грција.
Портпаролот на грчката влада рече дека постоечките прифатни центри на три различни локации во цела Грција се доволни за префрлањата што ги планира владата.
Одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина во однос на тоа колку лица ќе бидат пренесени од островите, Пецас објасни дека тоа зависи од капацитетот на центрите.
-Бројот, капацитетот на постоечките центри одредува во овој момент колку можат да се пренесат. Постои простор за пренесување, ќе видиме согласно со брановите. Не би сакал во овој момент да споменам конкретен број, рече Пецас.
Портпаролот на грчката влада, коментираше дека постои зголемена тенденција на бегалски и мигрантски бранови, почнувајќи од април и истакна дека пристигнувањата од изминатите денови, по демаршот од Атина до Анкара и состанокот на владиниот совет за надворешна политика и одбрана, нема дополнително зголемување споредбено со претходните три месеци.
Пецас рече дека на сите средби на грчкиот премиер во странство била истакната потребата за една заедничка европска политика за азил меѓу зејите од Шенген зоната, но и потребата да се спровде договорот ЕУ-Турција, што значи, ”зголемен број враќања од страна на Грција за случаи кога не е одобрен азил, а од страна на Турција, контрола на криумчарските мрежи”. Тој додаде дека двата основни принципи во мигрантското прашање се солидарноста и одговорноста.
-Првиот принцип, солидарноста, се однесува на правична распределба на барателите на азил во сите земји од Европската унија. Принципот на одговорност се однесува на заштита на морските и генерално на европските граници од страна на земјите членки со помош на европските власти, но и потребата за борба со криумчарските мрежи, рече Пецас.
Портпаролот на грчката влада, на денешниот редовен брифинг со новинарите, говорејќи за бегалското/мигрантското прашање, истакна дека ако се спроведе заедничката изјава ЕУ-Турција, тогаш нема да има масовни бранови бегалци и мигранти.