Европскиот Парламент ја отфрли контроверзната реформа на директивата за авторски права на ЕУ. Од септември европските институции ќе треба да работат на нова верзија на текстот.
Со 318 гласа „против“ и 278 „за“ отфрлена е европската реформа чија главна цел беше да ги натера големите дигитални компании (Гугл, Фејсбук, Амазон, Епл) да ги плаќаат издавачите и креаторите на содржини на интернет. Реформата требаше да им овозможи на весниците, списанијата и новинските агенции да бидат платени за содржините кои ги споделуваат на интернет бидејќи медиумите сметаат дека агрегаторите на вести како Гугк Њуз им ги крадат информациите.
Идејата на реформата предложена од страна на Европската Комисија во 2016 година беше да им се надомести на креаторите на содржини на интернет за она што тие го сметаат за асиметричен однос со големи дигитални платформи.
Но дигиталните лоби групи, заедно со активистите за дигитална слобода и бизнис средините притискаа да не помине оваа реформа бидејќи стравуваат дека директивата ќе се претвори во систем на „филтрирање“ на содржините.
– Ќе направам сѐ што можам за да им помогнам на европратениците да најдат компромис околу основните цело на реформата: фер исплата за уметниците, поддршка за секоторот на културата, заштита на дебатата и на творештвото на интернет и иновацијата во дигиталната економија, посочи еврокомесарот Андрус Ансип.
Тој е задолжен за дигитална економија.
– Кампањата на дезинформација оркестрирана од страна на портпаролите на ГАФА (Гугл, Амазон, Фејсбук, Епл) претставува демократски проблем, изјави генералниот секретар на француската компанија за заштита на авторските права, Давид Ел Сајег. Гугл, Епл, Фејбук, Мајкрософт и Амазон лобираат преку лажни НВО. Невозможно е да се има отворена дебата со одговорните во ГАФА, никогаш не се појавуваат, рече Ел Сајег.