Пратеникот Антонио Милошоски, кој е дел од работната група за новиот закон за обвинителство, објави дека просечните месечни примања на вработените во СЈО со високо образование се 80.000 денари, доколку, како што објаснува тој, на редовна плата се додадат надоместок за вршење на јавно-обвинителска дејност и додаток по основ на спорни договори за чување деловна тајна.
– Просечните месечни примања на помошниците-обвинители на Катица Јанева во СЈО се 220.000 до 260.000 денари, според истите три основи, објави Милошоски на Фејсбук.
Советот на јавни обвинители доцна синоќа ја разреши Јанева поради незаконско, нестручно, несовесно работење, по што се очекува утре да биде констатиран крај на мандатот и на другите обвинители во СЈО.
Прашањето за високите плати во ова обвинителство се актуелизираа во јавноста набрзо по формирањето на институцијата во 2015 година, кога од СЈО истакнаа дека специјалните обвинители земаат плати од околу 3.500 евра и дополнителни надоместоци поради големиот обем на работа.
-Сите плати, додатоци на плата се пресметуваат согласно законските одредби и не ги надминуваат границите кои што законот ги предвидува – рече тогаш обвинителката во СЈО и портпаролка на институцијата Ленче Ристовска.
Разрешената и притворена специјална јавна обвинителка Катица Јанева своевремено беше прашана колку изнесува нејзината плата во интервју на една ТВ, но таа одби да одговори на прашањето, единствено посочувајќи дека добро ги оправдува средствата на граѓаните и даночните обврзници.