Ракометарите на Еурофарм Работник несреќно го загубија дебитантскиот натпревар во ракометната Лига на шампиони.
Во дуел со две различни полувремиња, пред 2.500 гледачи, битолските „фармацевти“ поразени се од португалскиот шампион Спортинг со 30:29, иако по првите 30 минути имаа водство од 16:15.
Веднаш по натпреварот, тренерот на гостите Хозе Гимараеш изјави дека очекувал тежок натпревар во Битола и „жежок терен“, но како што рече, среќен сум што со победа дебитирам на клупата на Спортинг.
Тренерот на битолчани Стевче Алушовски по средбата кусо изјави дека причина за поразот е некреативната игра на неговите играчи во нападот и изгубени топки во услови кога тимот имаше и играч повеќе на теренот.
Статистички најефикасен кај гостите беше романскиот интернационалец Ѓонеа кој постигна 10 голови, додека во домашниот тим со по 5 постигнати голови се истакнаа Јотиќ и повратникот во екипата Остроушко.
Во среда Еурофарм Работник му гостува на Савехов во Шведска.