Тимот на Специјалното јавно обвинителство е разрешен и обвинителите се враќаат во матичните основни јавни обвинителства, нивните предмети сега ја чекаат одлуката на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.
Советот на јавни обвинители вчера донесе одлука за престанок на мандатот на обвинителите во СЈО согласно членот 9, став четири од Законот за СЈО и нивно прераспределување во обвинителствата од кои претходно дошле.
За тоа што ќе се случува со предметите на СЈО, претседателот на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски посочи дека тоа спаѓа во надлежноста на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, за кој рече дека има право определен предмет да распределува на други јавни обвинители.
– Временото упатување е една работа. Тоа ќе дојде на дневен ред отпосле, меѓутоа во овој момент зборувам за доделување на конкретни предмети за работа на конкретни јавни обвинители. Тоа право го има согласно Закон за јавно обвинителство и тоа може да биде засега привремено решение во однос на постапување, а во догледно време со проширување на бројот на јавнообвинителски места во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција ќе се донесе соодветна одлука, изјави Колевски.
Согласно одлуката на Советот Бурим Рустеми се враќа во ОЈО Куманово, Елизабета Јосифовска во ОЈО Гостивар, Љубомир Лапе во ОЈО Куманово, Стевчо Донев во ОЈО Кочани, Фатиме Фетаи, Гаврил Бубевски, Ленче Ристовска, Трајче Пеливанов и Артан Ајро се враќаат во ОЈО Скопје, а за Лиле Стефановска е донесена одлука за престанок на мандатот во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција и таа се враќа ОЈО Радовиш.
СЈО има отворено над 20 предмети. Во Основниот кривичен суд во Скопје за денеска е закажно рочиште за предметот „Титаник“ на СЈО. Случајот се наоѓа во доказна постапка и него го застапуваше обвинителката Лиле Стефанова, која по вчерашната одлука на Советот на јавно обвинители се враќа во ОЈО Радовиш.