Во работата на генералната дискусија на 74. издание на Генералното собрание на Обединетите нации, што почна денеска, учествуваше владина делегација од Македонија, предводена од Зоран Заев, заедно со Бујар Османи и Никола Димитров, Венко Филипче и Насер Нуредини.
Генералното собрание на ООН почна со свечен дочек на шефовите на држави и влади и шефови на делегациите од страна на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.
Како што соопшти владината прес-служба, Заев со сопругата Зорица присуствуваше на свечениот прием што го приреди генералниот секретар Гутереш, по што следуваше отворањето на генералната дискусија „Забрзување на мултилатералните напори за елиминирање на сиромаштијата, за квалитетно образование, за климатска акција и за инклузивност“.
Според најавата, Заев денеска ќе оствари повеќе билатерални средби и ќе присуствува на приемот што за шефовите на делегациите на Генералното собрание на ОН го приредува претседателот на САД Доналд Трамп, како и на приемот на Европската Унија каде што домаќин е претседателот на Европскиот Совет Дoналд Туск.