На средбата на премиерот Зоран Заев со неговиот грчки колега Кирјакос Мицотакис што се одржа денеска во Њујорк, за време на Генералното собрание на ОН, е изразена поддршка од страна на грчкиот премиер за отворање преговори со Европската Унија и потенцирано дека доследната и навремена имплементација на Договорот од Преспа е клучна за унапредување на односите и обезбедување на европската перспектива за Македонија, информира владината прес-служба.

Премиерот Заев истакнал дека Владата на Македонија е максимално фокусирана на конструктивен пристап во градењето меѓусебно партнерство засновано врз пријателство и заеднички интерес за просперитетен регион во интерес на граѓаните на двете земји.

Заев нагласил дека Владата на „Северна Македонија“ е подготвена за целосно спроведување на Акцискиот план за интензивирање и збогатување на соработката меѓу двете држави, како што е предвидено со Договорот од Преспа, за кој потенцирал дека е историски чекор и значаен договор за градење добрососедство, поблиска соработка и конструктивни и позитивни односи меѓу двете земји.

Како што рекол премиерот Заев, за почит е фактот што Грција беше првата земја-членка на НАТО што го ратификуваше Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО во постапката за полноправно членство која ќе биде финализирана наскоро.

Го информирал Мицотакис, според соопштението, за напорите за зајакнување на спроведувањето на тековните реформи со цел да се отвори простор за почеток на преговорите за влез во ЕУ за што се очекува позитивна одлука во октомври годинава.

На средбата е заклучено дека унапредувањето на економската соработка, зголемувањето на трговската размена и директните инвестиции се од взаемна корист за сите граѓани од двете држави, стои во соопштението.

На средбата присуствува шефовите на двете дипломатии, Никола Димитров и Никос Дендиас, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, министерот под премиерот на Грција и владин портпарол, Стелиос Пецас како и советничката на грчкиот премиер за надворешна политика Александра Пападопулу.

На почетокот од средбата, како што јави дописничката на МИА од Атина пренесувајќи објави на грчките медиуми, премиерот Заев на неговиот грчки колега му честитал за победата на изборите, а Мицотакис му се заблагодарил и му објаснил дека Грција ќе следи нов тек на раст.

Според грчките медиуми, Мицотакис му рекол на Заев дека тој лично немало да го потпише Договорот од Преспа, но додал дека по ратификацијата е дел од меѓународното право и Грција треба да го почитува.