На денешното рочиште за случајот „Монструм“ се читаа транскрипти од нелегално прислушувани разговори во УБК, а поврзани со петкратното убиство што се случи кај Смиковско Езеро во 2012 година.
Се читаа транскрипти од разговор на неодамнешниот руски амбасадор Олег Шчербак и неименуван соговорник, кои разговараат за петкратното убиство.
– МВР и Владата не реагираа на време. Информациите стигнуваа преку странските агенции. Никакви докази нема. Четворица од убиените биле планирани, а петиот бил сведок, му вели соговорникот на рускиот амбасадор, кој додава дека ситуацијата не е ескалирана, но е лоша.
Соговорникот го информира амбасадорот и дека се шири шпекулација дека одмаздата е за Тетово, каде Македонец убил двајца Албанци.
Потоа и двајцата заклучуваат дека околу Нова Година имале информација дека работите ќе се раздвижат на пролет.
Во судницата се читаа и транскрипти од разговори на непознати за јавноста лица, а еден од нив околу 21 часот веќе е информиран за масакрот, бидејќи на повеќемина соговорници им се јавува и им кажува дека е на работа и само што добил информација дека се убиени пет лица.
Во сите разговори едно од првите прашања е дали убиените се Македонци или Албанци?
-Не се знае кои се, дали Албанци или Македонци, вели еден од соговорниците.
Друг соговорник прашува: Дали се Албанци или неверници?
Инаку, на судењето, Фатиме Фетаи му се пожали на судијата Огнен Ставрев дека Рената Дескоска не и давала информации за тоа до каде постапката за екстрадиција на двајцата убијци од „Монструм“ кои побегнаа на Косово.
Судењето е во тек.