Свеста и претпазливоста кај населението за појавата и за масовното ширење лажни вести во земјава е на највисоко ниво досега, објави Марјан Забрчанец, советник за комуникации и односи со јавноста на премиерот Зоран Заев.

– Екстремните дезинформации кои се ширеа особено за време на референдумот ги алармираа институциите, медиумите и граѓаните за многу поголема внимателност и за многу покритичен однос кон вестите кои се пласираат низ слободниот интернет и медиумски простор. Општеството е подготвено и пружа силен отпор кон лажните вести. Нивната појава и постоење не е од вчера, ниту пак ќе биде изненадување доколку повторно одредени центри земат залет после негативните вести од Брисел и се обидат да шират лаги во интерес на антидемократските и антизападните идеи. Предизборието е период кога очекувам опозицијата да се истакне со перформанс на тема лажни вести, но институциите се подготвени брзо да реагираат и да спречуваат манипулации со граѓаните, објави Забрчанец на Фејсбук.

Едно е во право советникот на Заев: Дека екстремни дезинформации се ширеа за време на референдумот. А доказ за тоа е и билбордот и пораката на истиот од фотографијата што ја објавуваме за „бесплатното здравство низ цела Европа“. Билбордот не беше на опозицијата, туку на властана која припаѓа и Забрчанец и која ја советува. Наспроти илјадата зборови на советникот за медиуми  Забрчанец за лажните вести, само една фотографија од референдумот што го посочи.

Овојпат фотографијата со веста од авион дека лани „добивме датум од ЕУ“ не ја објавуваме. Излитена е, како што се излитени фразите со кои Забрчанец и власта обвинуваат „некои други“ за ширење лажни вести. Баба лаже, билборд не лаже!

(Д.Г.)