Албанската централната изборна комисија (ЦИК) на денешната седница донесе едногласна одлука за престанок на мандатот на градоначалникот на општина Вора, Агим Кајмаку.

Со тоа Вора стана втора општина, по северниот град Скадар, која останува без градоначалник, избран на локалните избори одржани на 30 јуни годинава.

Одлуката на ЦИК доаѓа откако по обвинувањата од страна на опозицската Демократска партија, албанското Обвинителство во соработка со грчките власти потврдило дека Кајмаку го фалсификувал образецот за декриминализација. Тој прикрил дека бил апсен и бил под истрага во Грција за кривично дело употреба на фалсификувани пари, како и за прикривање на лажен идентитет (Јорго Тото), што го користел во Грција.

На седницата на ЦИК присуствувал неговиот адвокат Исуф Шеху, но не и Кајмаку. Адвокатот рекол дека проверките од страна на Државното јавно обвинителство се нецелосни и тврдел дека „неговиот клиент е наклеветен“.

Инаку, освен за него демократите обвинија за крминално досие уште за двајца градоначалници, на Скадар и на Вау те Дејес, за кои Обвинителството почна постапка за утврдување на обвинувањата.

Според опозицијата градоначаланикот на Скадар, Валдрин Пјетри во Италија бил осудуван за шверц на дрога. По одлуката на Обвинителството да почне постапка Пјетри се откажа од градоначалничката фотелја, на која официјално не ни седна. Тој образложи дека сака да ја докаже својата невиност како обичен граѓанин.

За градоначалнкот на Вау те Дејес, Марк Бабани опозициските демократи тврдат дека поседуваат веродостојни докази дека во периодот 2002/2003 бил уапсен и осуден во Северна Македонија, додека претходно во периодот 1994-1999 година бил осуден во Италија и протеран и оти користел три различни идентитети. Тој тврди дека е невин.

Демократите во групата на градоначаланици со кримнални досиеја вбројуваат уште четворица, но засега нивните имиња не се соопштени.