Американскиот претседател Доналд Трамп ја обвини британската премиерка Тереза Меј дека го „уништила Брегзит“ и додаде дека секој нејзин обид да задржи блиски односи со Европската унија ги намалува шансите за профитабилен трговски договор со САД.
– Ако склучат таков договор (со Унијата), тогаш ние ќе работиме со ЕУ наместо да работиме со Британија, така што тоа веројатно би го уништило договорот, рече Трамп во интервју за британски „Сан“.
Тој тврди дека Меј го игнорирала неговиот совет определувајќи се за стратегијата на „мек Брегзит“.
На прашањето дали навистина британската премиерка ја нарекол „наставничка која сака да наредува“, Трамп рече дека тоа е „лажна вест„ на „Вашингтон пост“.
Тој исто така рече дека поранешниот министер за надворешни работи Борис Џонсон, кој даде оставка поради „мекиот Брегзит“, би бил „одличен премиер“.
– Тој е многу талентиран, многу ми се допаѓа. Мислам дека би бил одличен премиер, мислам дека го има она што е потребно, истакна американскиот претседател.