На јавната обвинителка не ѝ е првпат да етикетира, но јас живеев за денот кога ќе дојде моментот да можам да зборувам затоа што сум цел на јавен линч од конструиран случај наречен „Рекет“, истакна Бојан Јовановски во своето обраќање до судот на првиот ден од судењето за случајот „Рекет“ во кој тој на чуден начин стана првообвинет наместо Катица Јанева.
Неговото сведоштво понатаму говори дека клопчето околу „Рекет“ допрва ќе се одмотува.
Тој најави дека ќе сведочи за сите инволвирани за, како што рече, организаторот, помагачите и за сето тоа ќе бидат поднесени кривични пријави преку неговиот бранител.
-Доволна беше сензацијата на споменувањето на моето име, иако на јавниот обвинител не му е првпат да етикетира, па тоа го направи и во овие воведни зборови, нарекувајќи ме самонаречена естрадна ѕвезда. Доволна беше сензацијата на моето име и на Катица Јанева за преку овој предмет за пет месеци да се направи јавен линч и загрозување на мојот живот. Воедно, преку овој предмет се водат валкани политички игри кои се ставаат на наши плеќи, а неподготвеноста на обвинителство да нè заштити беше доволно да дојде до сензации и уништување на еден медиум, рече Јовановски.
Тој зборуваше и за чантата „Луј Витон“ посочувајќи дека снимките од камерите од домот на неговите родители ќе откријат каде завршила таа. Чантата јавноста можеше да ја види во снимките кои ги објави италијанскиот весник „ла Верита“ односно како со неа, Јовановски и Милески излегуваат од домот на Орце Камчев.