Никола ГРУЕВСКИ

Во некои медиуми прочитав текст со многу невистини поврзан со замислата на Владата која ја предводев за креирање на меѓународна финансиска зона во Скопје. Текстот изобилува со многу неточни работи и информации, но ќе се осврнам само на најважните.

Од првиот ден откако почнавме да разработуваме идеја за меѓународна финансиска зона, како економски тим имавме замисла дека финансиската зона нема да функционира на принцип на “оф-шор”.
По тоа прашање немавме дилеми, како што немавме дилеми дека во никој случај зоната не смее да дозволи било што нелегално или компромитирачко, вклучувајќи било каква можност за перење на пари.
А текстот кој го прочитав се заснова токму на тоа.

Идејата и визијата беше да се привлечат мултинационалните финансиски компании своите главни седишта да ги префрлат во Македонија и од тоа Македонија да има повеќестрана корист.
Идејата беше со цел да добие кредибилитет и доверба, како и атрактивност, во зоната да важат финансиските и регулаторни закони на Англија, имаше и идеи да важат законите на Луксембург или комбинација од двете, иако повеќе преовладуваше Англија. Додадената атрактивност ќе беше што ќе понудевме прилично пониски даноци и севкупни трошоци од Англија, земја чии главен град е еден од најголемите финансиски центри во светот.
Двете се земји членки на ЕУ, со законодавство усогласено со европските директиви и не сум слушнал дека се перални на пари или некакви оф-шор дестинации.
Имаше размислувања низ работните дискусии, регулаторните тела кадровски да се екипираат со поранешни или скоро пензионирани високо кредибилни и авторитетни личности од земјите од кои ќе се применеше законодавството, како поранешни гувернери или заменици гувернери на централна банка на Англија или поранешни членови на комисиа за хартии од вредност или поранешни членови на супервизија на осигурување, поранешни високо ценети судии од Англија и други лица со високо ниво на стручност, искуство и пред се личен кредибилитет и интегритет. Такви високо кредибилни и авторитетни личности на светско ниво се размислуваше покрај домашните преставници да влезат и во бордот на зоната чии присуство за финасискиот свет на глобално ниво требаше да преставува гаранција за сериозноста на проектот. Само така можеше да се надеваме на финансиски центар кој би бил меѓународно респектиран и кредибилен.
За таа цел беше потребна промена на уставот во смисла дека со посебен закон на одреден дел од територијата на земјата може да се примени законодавството на друга држава.
Имаше повеќе меѓународни консултанти кои преку повеќе мои соработници се понудија да дадат идеи и да пружат услуги во развојот на таа идеја. Се сеќавам дека имаше некои од Германија или Швајцарија и од други, главно европски држави, но не исклучувам некои од нив да биле регистрирани во Лондон. Ги слушавме идеите и предлозите на сите нив, но ние градевме наш, а не нивен концепт. Нашиот концепт се засноваше на финансиска зона со многу висок кредибилитет, прифатена од ММФ и ЕУ и контролирана од нив.
Не можам да знам дали некој од нив имал нечесни намери и планови, но знам дека ние имавме чесни намери со кои, доколку проектот се спроведеше, Македонија ќе добиеше една сериозна додадена вредност во финансиската сфера, сериозни приливи во буџетот, вработување, знаење и искуство на стотици и илјадници наши граѓани, а корист ќе имаа и услужните дејности како многу сметководители, адвокати, авио компании, хотели, агенции за недвижности, ресторанти, кетеринг служби, рент-а-кар агенции итн имајќи во предвид дека во земјата ќе доаѓаа голем број многу богати луѓе.
Со никој од заинтересираните консултанти не склучивме договор за соработка. Ако некој од нив навистина имал такви планови како што е наведено во текстот, сигурно ќе бил многу разочаран доколку се реализираше меѓународната финансиска зона во Скопје, каков што работен наслов имаше.