Советот за македонски јазик се придружува кон реакциите на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и на Институтот за македонска литература во однос на ставот на Бугарската академија на науките во врска со македонскиот јазик.
-Постоењето на македонскиот јазик со свој посебен дијалектен систем и со своја историја е апсолвирано прашање во светски рамки уште одамна и секој став што го негира овој непобитен факт го сметаме за свесна провокација, нагласува Советот.
Неочекувано е и неприфатливо ваква реакција, велат од Советот, да дојде од страна на една академско-научна институција од држава членка на Европската Унија.
-Познато е дека се одржани многу конференции посветени на македонскиот јазик, литература, историја и култура на кои присуствувале еминентни професори и научници од целиот свет чии истражувања не соодветствуваат на ставовите на Бугарската академија на науките. Македонците секогаш зборувале и ќе зборуваат на македонски јазик!, стои во реакцијата на Советот.