Кандидатот на СДП, Зоран Милановиќ и актуелната претседателка Колинда Грабар Китаровиќ одат во вториот круг од претседателските избори во Хрватска, соопшти хрватската Државна изборна комисија по обработени 99,98 отсто избирачки места.
Милановиќ освоил 29,55 проценти од гласовите, Колинда Грабар-Китаровиќ 26,65 проценти, а на трето место е независниот кандидат Мирослав Шкоро со освоени 24,45 отсто од гласовите.
Другите кандидати се далеку зад тројцата првопласирани, покажуваат резултатите кои Комисијата ги објави на својата Интернет страница, врз основа на обработени 6.532 избирачки места, од вкупно 6.533.
Хрватската државна агенција Хина јави дека ДИК на Хрватска целосните резултати ќе ги објави денеска во 15 часот, кога и официјално ќе биде соопштено дека Хрватска ќе избере претседател во вториот круг на 5 јануари, со оглед на тоа што вчера ниту еден од 11 кандидати не успеа да освои повеќе од половина од гласовите на избирачите кои излегоа на изборите.