За 11 месеци капиталните инвестиции се реализирани половина од тоа што е предвидено, односно исклучително засрамувачки и ниски 49.02 проценти, посочи денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, додавајќи дека на секој чекор се фактите за неспособноста на владата во заминување.
„Срамното ниво на капитални инвестиции, значи дека Владата е неспособна. Овој јули Заев вети дека реализацијата на капиталните инвестиции ќе биде над 80 отсто. Реалноста е дека тие се само 49 отсто и тоа на ребалнсираниот буџет. Јавниот долг достигна фрапантни 5,7 милијарди евра, а се планираат нови задолжувања од 270 милиони евра“, посочи Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ додава и дека откако СДСМ е на власт, јавниот долг на државата е зголемен за вкупно 914 милиони евра со што достигна бројка од фрапантни 5 милијарди и 700 милиони евра или речиси 50 отсто од бруто домашниот производ.
„Сиромаштијата галопира. Ете затоа Заев бега од избори, зошто неспособноста не може да се сокрие, таа ја чувствуваат граѓаните. Секој ден поминат на власт за Заев значи побогат паричник, одбегнување на соочување со народот и потоа одговорност за неправдите и кршењата на законот. Тоа со граѓаните нема да го дозволиме. За крај, читам некои анкети кои се во функција да го мотивираат членството на СДСМ и Заев, тогаш доколку е таква работата еве и јас кој непоколебливо верувам во народот, ги охрабрувам да излезат на избори и народот да одлучи“, порача Мицкоски.