Зоран Заев на 1 февруари оваа година, на трибината „Силна економија – шанса за сите“ во Охрид соопшти дека Владата на Република Македонија има прогрес во преговорите со ЕВН и ЕЛЕМ за бришење на долгови за струја настанати до 2006 година за 200.000 граѓани и семејства кои се заглавени во лавиринт со проблеми од извршители и блокирани сметки.
„Разгледавме ситуација за стари долгови за струја до 2006 година за 200.000 семејства и граѓани кои се заглавени во вакви лавиринти на извршители и блокирани сметки. Овие денови сме во длабоки преговори, волјата денеска можам слободно да ја соопштам, кога правно формално ќе го потпишеме договорот јавно ќе соопштиме. Но, волјата од Владата за преземање на своите дејствија е нотирана, и од ЕЛЕМ како партнер во производството на струјата е потврдена, и волјата на ЕВН како приватна компанија исто така е потврдена. Намерата е да избришеме долг на граѓаните од 110 милиони евра. Тоа се огромни пари и ќе биде големо олеснување за граѓаните. Сите мерки коишто ги спроведуваме се во насока на било кој начин да вбризгаме пари кај граѓаните“, порача Заев пред граѓани од Охрид кои присуствуваат на трибината.
Сега, 11 месеци по оваа најава, Заев, на денешната 124 седница на Собранието, одговарајќи на прашањето на пратеникот Панчо Минов околу решавањето на старите долгови на граѓаните, истакна дека ќе се отпишуваат каматите и ќе се даде можност за плаќање на рати за главиот долг.
– Граѓаните се влезени во еден „пекол“, во еден бесконечен лавиринт од којшто буквално не е возоможно, не сами граѓаните што се сега родители туку и нивните деца, тешко ќе излезат од блокирани трансакциони сметки, замрзнати имоти, судски пресуди и дефинитивно таквите граѓани и кога бараат работа ја бараат на црно, затоа што ако бараат работи ќе им бидат земени парите. Тоа сето е еден комплексен систем којшто мораме да го решаваме. Затоа тргнуваме со бришење на каматите и даваме можност за исплата на рати на главниот долг, нагласи денеска Заев на собраниската говорница.
Тој нагласи дека, според нивните анализи, самите камати во огромен процент ги поминуваат дури и висините на основниот долг, што е катастрофално.
– Прво донесовме законски измени за намалување на трошоците за извршителите и нотарите, но тој не може ретрокативно да важи и затоа немаше голема рефлексија, но сите нови случаеви од една година наваму до ден денеска тие се веќе со нормализирани трошоци. Ова е сега втор обид што го правиме, со што дефинитивно имаме намера да им помогнеме на граѓаните доминантно, но кога го правиме тоа го правиме и за компаниите, да се избришат каматите коишто ги имаат по долговите по сите јавни претпријатија, државни институции, општински институции, установи – се што претставува државен интерес, а во приватните со закон да го укажеме тоа прецизно, давајќи ги самите табели каде да се движат, објасни Заев.