Агенцијата за храна и ветеринарство апелира, да се внимава при купување на сладолед, како еден од производите кои најчесто се консумираат во летниот период.
-Купувајте го овој производ од сигурни продажни места, внимавајте на разладниот уред каде се чува сладоледот. Пред консумирање проверете го изгледот, мирисот и вкусот, а доколку купувате пакуван сладолед, водете сметка за рокот на употреба, велат од Агенцијата.
Според Агенцијата, исклучително е важно да се избегнува купувањето на храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), оладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето.
-Треба да се води сметка и месото, млекото и јајцата да не се чуваат долго време во автомобилите и другите транспортни средства, велат од Агенцијата.
Оттаму советуваат, овошјето и зеленчукот темелно да се измијат под млаз вода, месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат. Доколку после подготвувањето храната не се консумира веднаш, таа треба да се чува во фрижидер.
-Водете сметка и консумирајте храна на места кои имаат добра репутација. Објектите каде се подготвува брза храна и слаткарниците спаѓаат во категорија на објекти со висок ризик во летниот период. Доколку сте купиле топла, оладена или замрзната храна, треба што побрзо да ја донесете дома и веднаш да ја ставиле во ладилник или замрзнувач. Одбегнувајте храна која остава впечаток дека е расипана или која сменила боја, проверете дали лицето кои послужува храна користи посебни штипки за различни видови храна. Во објектите за брза храна одбегнувајте ги додатоците кои не стојат во ладилник како што се мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи и друго, велат од Агенцијата.