Собранието на Република Македонија денеска во претпладневниот дел изгласа закони од повеќе области, со што се потврдија вчерашните информации за постигнат договор меѓу владејачкото мнозинство и опозицијата.
Се изгласаа 14 закони по скратена постапка и еден во редовна кои беа на 126. седница, а се од областа на финансиите, здравството и земјоделството. Потоа започна разгледувањето и гласањето за точките од 123. седница. Пратениците по паузата ќе гласаат за Законот за Данокот за личен доход, а на седницата беше приофатен и амандман на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Весна Пемова за законот за стечајците, односно тие да можат да достават пријава до 31 јануари 2020 во Заводот за вработување.
Претходно денеска координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски и на СДСМ истакнаа Јован Митревски рекоа дека законите од 126. и 123. седница денеска ќе се гласаат и дека избори на 12 април ќе има.
– Не само што беше лажна вест дека ВМРО-ДПМНЕ ги кочи и ги блокира законите, туку тоа беше обид за да се избега од избори. Гледаме дека денес законите кои се врзани со рок 31 декември и во интерес на државата и да немаме некои празни дупки во донесувањето на некои закони кои треба да се применуваат од 1 јануари 2020 година на собраниската седница се дебатираат. Блокада од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема. Единствениот аргумент за бегство од избори на господинот Зоран Заев е тргнат. Избори ќе има, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Мицевски.
Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ рече дека денеска не гледа дека има некаква намера за блокада, но оти денот ќе потрае и ќе се почека да се отворат точките од дневниот ред на 123. седница. Митревски дециден дека предвремени избори ќе има на 12 април и оти денеска се гласаат закони кои се врзани со примена од 1 јануари 2020 година, а оти меѓу нив не е Законот за одбрана, за чие носење е потребно двотретинско мнозинство.
Седницата продолжува по редовната пауза од еден час.