СДСМ смета дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ треба да предложи друг кандидат за технички министер за внатрешни работи и оценува дека по отворањето на дебатата во јавноста, јасно е дека предлогот што опозициската партија го изнесен на синоќешната лидерска средба е спротивен на Уставот.
– Ја повикуваме ВМРО-ДПМНЕ да се издигне на висина на задачата и одговорноста која ја има со влезот во преодната Влада и порачуваме дека остануваме отворени за наоѓање прифатливо решение со кое нема да се крши Уставот. До 3 јануари има доволно време да се постигне согласност и да продолжиме кон подготовката на изборите кои ќе се случат на 12 април, соопшти попладнево СДСМ.
Според партијата, Уставот е јасен и оти согласно со членот 97, лице кое раководи со МВР или со Министерството за одбрана треба да биде цивилно лице најмалку три години пред изборот на таа функција. Во членот 2 од Законот за полиција се прави јасна разлика помеѓу униформиран и неуниформиран припадник на полицијата, што значи дека униформираните вработени не можат да бидат избрани за министри, и тоа е исто и во двете министерства.
– Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е спротивен на уставот и затоа партијата треба да предложи друг кандидат, нагласува СДСМ.