Измина уште едно издание на фестивалот на скарата и пивото во Прилеп, “Пивофест 2018”.
За разлика од претходните, овогодишното издание прилепчани и посетителите на фестивалот ќе го паметат како бледо, со сиромашна понуда на штандови и пива, слаба организациска поткованост и речиси целосна промашена програма. Со исклучок на настапот на балканската ѕвезда Жељко Јоксимовиќ кога можеше да се забележи поголема публика, останатите фестивалски денови се досега незапамтено слаби и бледи. Општинарите иако ветуваа многу, на терен се покажаа како слаби партнери во организацијата која беше доделена на агенцијата “Етернити” од Скопје.
Наместо фестивал на пивото, во еден момент Пивофест се претвори и во “тезгафест”, па тезгите со облека, дребулии, украси и долна облека, беа побројни од штандовите.Иако на последниот официјален пресс беше објавено дека фестивалот го посетиле неверојатни 200.000 гости, сликата на терен беше сосема поинаква.
Прилепчани паметат дека целиот град им бил блокиран со возила, од булевари до споредни улички, нешто што годинава не беше така.
Ги немаше најавените новитети кои се ветуваа кога сега првите луѓе во општина Прилеп беа во опозиција, на Могилата на непобедените имаше едвај десетина кампови, а така нарекуваниот “мочофест” и “шлајм” во минатото, од истите луѓе сега беше претставуван како културна манифестација од невидени размери.
Очигледно сето ова не ги предизвика организаторите да објават бомбастични фотографии и видеа од фестивалските четири дена, па освен зборови дека овој Пивофест бил најдобар не видовме ништо друго. Прилепчани и гостите на фестивалот беа револтирани и од мешањето на политиката во фестивалот. Па вметнувањето на прослава за условните покани за ЕУ и НАТО во програмата на Пивофест предизвика свирежи и негодувања кон градоначалникот, но и премиерот Зоран Заев, кој во саботата го посети фестивалот во Прилеп.Според она што се зборуваше низ прилепската чаршија во текот на вчерашниот ден, луѓето кои многу ветуваа не го положија тестот, па наместо да го унапредат го уназадија фестивалот на скарата и пивото во Прилеп.