Откупувачите на винско грозје најдоцна до празникот Св. Трифун да склучат договори за откуп на винско грозје со лозарите, бара здружението Напредни Лозари.

– Во договорите да бидат внесени цените за грозјето, а плаќањето да се врши според законот за плаќање редовни фактури, а не надвор од него, со посебни клаузули. На откупувачите кои нема да склучат договори, да не им се дозволи по празникот да склучуваат договори. Но, и на оние кои склучиле, да им се забрани да откупуваат поголеми количини од договореното. На тие што воопшто нема да склучат договори до празникот, да им се одземат лиценците за откуп за тековната година, бараат Напредни лозари.

Барањата се наведени во писмото кое е упатено до министерот за земјоделство Трајан Димковски, како и до дополнителниот министер Цветан Трипуновски.

Здружението бара и за сите регистрирани индивидуални земјоделци, субвенциите да се зголемат сто проценти, а со „зелена нафта“ да им се покрие целокупното производство. „Напредни лозари” оценува дека состојбата со лозарството е многу лоша. За нејзино надминување,  потребно е цената на винското грозје да не биде помала од откупните цени во ЕУ или барем од оние во соседството.

-Лозарите се во многу тешка состојба. Цената на винското грозје во Европа е повеќекратно поголема од цената по која се откупува винското грозје на нашиот пазар. Цената на винското грозје кај нас е пониска за повеќе од двојно и од соседството Србија, Албанија, Црна Гора кои не се членки на ЕУ. Цените на репроматеријалите, ѓубривата и заштитните средства кај нас се повисоки од ЕУ. Вистината е дека на нашиот пазар имаме највисоки цени на репроматеријалите и не најниски, туку повеќекратно пониски цени на винското грозје. Нашиот пазар претставува црна дупка во Европа, наведува здружението.

 

Ставот на „Напредни лозари” е додека се постигне бараната откупна цена како во ЕУ, да се одреди минимална, по сорти и минимален квалитет.  Минималната откупна цена, пак, треба секоја година да се зголемува за минимум 20 отсто за да се достигне откупната цена во ЕУ.

-Минималната цена на откуп треба да биде повисока од производната цена за да се обезбеди профитабилност и интерес за стопанисување. Во производната цена треба да се земат предвид потребните инвистициски вложувања за купување земјоделско земјиште, подигање на лозовиот насад, трошоците за механизација, потребните материјали, садници, заштитни средства, работна рака, осигурување и други ризици кои не подлежат на осигурување, камати за ангажираните инвестициски средства, амортизација на лозовиот насад и други ненаведени трошоци, стои во писменото обраќање.

Како што вели претседателот на „Напредни лозари”, Трајче Кулев, за своето производство лозарите немаат склучено договор за продажба и не знаат кој по која цена ќе им биде откупено, ниту кога ќе им биде платено.

Здружението очекува писмен одговор од ресорниот министер.