Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека во овој момент не гледа ниту една причина за некаков ризик или паника за коронавирусот во нашата земја. Уверува дека работата целосно е под контрола. Досега нема регистрирано сомнителни случаи туку, како што рече, има вообичаен број заболени од грип.
– Поминуваат сите патници кои доаѓаат со летовите кои имаат врска со поширокиот регион на Вухан, со оглед на тоа што сега тој град е целосно затворен. Кај нас стигнуваат авиони од Истанбул и од Дубаи. Мојата информација е дека утрово летот од Истанбул бил откажан, односно одложен за неколку часа. Системот е веќе воспоставен. Камерата беше поставена во текот на вчерашниот ден, целосно избаждарена. Направен е распоред на лекари епидемиолози од Центарот за јавно здравје, како согласно редот на летање ќе бидат присутни за време на скенирањето, рече Филипче, одговарајќи на новинарско прашање за коронавирусот.
Информира дека вчера имале работен состанок со директорот на ТАВ и, како што рече, излегоа во пресрет тие авиони секогаш да бидат насочени на еден или два излези, многу блиску потенцијално ако треба да се користи собата за изолација, но и од практичен аспект за камерата цело време да биде поставена на едно место.
– Доколку се детектира дека некој од патниците има покачена телесна температура, првиот чекор е интервју со епидемиолозите дали доаѓа од Кина и дали имал контакт со некој заразен. Тие имаат терк, еден алгоритам по кој се постапува. Доколку има таков случај исто така има протокол за изолација, дезинфекција и на авионот и на просториите и соодветен пат кој веќе е предвиден со тој алгоритам, со посебно возило на Брза помош само за таа цел на Инфективната клиника во Скопје. Доколку нема некакви симптоми кои може да се предмет на паника, ние во текот на денешниот ден преку Управата за цивилно воздухопловство ги очекуваме од авионските компании и однапред пациентите кои доаѓаат од овие градови, а доаѓаат од поширокиот регион на Вухан, изјави Филипче.
Додаде дека однапред и пред скенирањето знаат колку пациенти, потенцијално заразени можат да очекуваме. На некој начин, како што рече, имаме дупла сигурност, сите од нив ќе бидат интервјуирани и ќе знаеме како ќе се постапува.
Секој кој нема директен контакт и не доаѓа од Кина, доколку почувствува некои симптоми ќе оди по нормалниот тек на матичен лекар, Инфективна клиника. Филипче најави дека во текот на денот ќе бидат дистрибуирани флаери на аеродромот со посебен телефонски број и секој што доаѓа ќе има можност да се јави.
Информира дека утрово имале работен состанок со претставници на Институтот за јавно здравје, а вчера исконтактирале и со Кинеската амбасада во нашата земја.
– Тие денеска ќе ни кажат колку од 50 луѓе кои кај нас се регистрирани, кој на постојан, а кој на привремен престој се на патување во Кина и кога се очекува да се вратат и од кој регион се. Работата целосно е под контрола. Не гледам во овој момент ниту една причина за некаков ризик или паника, уверува Филипче.
Филипче изјави дека единствена група на македонски граѓани кои биле во Кина, но на 2.000 километри оддалеченост од градот Вухан е една актерска група од МНТ. Појасни дека искомуницирале со нив, тие се скенирани излезно кога го напуштале аеродромот во Пекинг и скенирани со термална камера во Истанбул. Филипче вели дека за време на разговорот, во текот на вчерашниот ден, односно во неделата, тие изјавиле дека немаат никакви симптоми.
Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче рече дека во однос на коронавирусот постапиле согласно препораките на Светската здравствена организација. Термалната камера, како што рече, се постави и од тогаш се функционира во најдобар ред.