Сто процентна контрола на отпадот што влегува на Царина не е возможна. Царинската управа согласно надлежностите, проверките ги базира врз анализа на ризик, сепак службениците имаат овластување при нешто сомнително да извршат дополнителна контрола.

Ова во интервју за МИА го изјави директорот на Царинската управа Ѓоко Танасовски, кој посочи дека камионите со отпад се пропратени со соодветни документи, меѓу кои дозвола за увоз од Министерството за животна средина и просторно планирање, документ од акредитирана лабораторија и документ од странска царинска управа – од каде доаѓа отпадот.

Врз анализата на ризик проценуваат која стока треба да биде подложена на контрола, а во однос на отпадот првиот човек на Царина нагласува дека не треба секогаш да се говори во негативна конотација, бидејќи најголемиот дел од него е всушност суровина за одредени производствени капацитети во земјава, која понатаму се извезува.

Царинската управа има овластување на правосудна полиција и одлична соработка за МВР, вели Танасовски во интервјуто за МИА и додава дека Обвинителството може многу повеќе да постигне и да сработи.

На кој начин се врши контролата на камионите со отпад кои влегуваат на царина? Која е процедурата?

Генерално Царинската управа согласно своите надлежности бројот на проверки, што ќе проверува и како ќе проверува го базира врз анализа на ризик. Врз основа на таа анализа на ризик се врши проверка, не само на камионите со отпад, туку на целата роба која влегува и притоа при самото влегување на камионот доколку тој тарифен број под кој се пријавува робата е предвидено да биде на црвен канал, во тој случај во истиот момент на царинскиот службеник тоа му се регистрира и тој ја проследува робата на детален преглед. Исто така царинските службеници сами можат да извршат регулирање на декларацијата и доколку има какви било сомневања или доколку сакаат тие да проверат од зелен или од жолт канал, се оди на документарен преглед на црвен канал каде што се врши детален преглед на робата.

Дали мислите дека навистина е релевантен еден примерок од една бала во мала количина за да се испита огромна содржина, станува збор за неколку тони отпад?

Не станува збор за тоа дали јас мислам или се согласувам со тоа. Поентата е дека за секој вид на стока, односно во конкретниов случај за РДФ има соодветен стандард врз основа на кој е пропишано како треба да се земе примерокот. Така постапуваме и ние. Од камион се избираат повеќе бали и се земаат примероци, потоа таа смеса се хомогенизира и од неа се одвојува количина колку што побарала лабораторијата за испитување.

Сепак не се зема примерок од сите бали отпад? Што доколку во некоја друга бала има опасен отпад?

Сто процентна контрола не е возможна, ниту е предвидена каде било во светот. Царинската управа своите контроли ги спроведува врз анализа на ризик и тоа не е желба или дали сака или не сака, тоа е пракса која ја применуваат сите светски царински управи. Врз таа анализа на ризик ние проценуваме која роба треба да биде контролирана, која не. Ние зборуваме за отпадот, меѓутоа треба да знаеме, најголемиот дел од тоа претставува суровина за одредени производствени капацитети во РСМ. Заради тоа не треба отпадот да се гледа само во негативна смисла, туку и во позитивна – дека голем дел се преработува и пак се извезува. Секако дека контролата мора да биде добра и секогаш може да биде подобра бидејќи тука се вклучени низа институции кои треба да бидат на ниво на задачата. Јас од моја страна како Царинска управа можам да тврдам дека нашите системи на функционирање се на нивото кое што е потребно.

Според информациите од МЖСПП покрај останатите документи, секој камион со отпад поседува дозвола за влез и документ од лабораторија за содржината на камионот. Дали врз основа на овие документи се пропуштаат камионите или спроведувате дополнителна контрола на секој камион?

Покрај тие документи и останатите, кои ги поседува секој камион, има и документ заверен од страна на странски царински орган, од кадешто доаѓа отпадот и ние при тоа нормално прво вршиме документарен преглед, а доколку има потреба, доколку има сомневања или доколку се појави дека сето тоа треба да биде на црвен канал, се врши детален преглед. Нормално како што сега е случајот – имаме 15 камиони кои се на Гевгелија, ние не земаме од сите примероци, туку во согласност со Инспекторатот во чија надлежност е правилникот за увоз, извоз и транзит на отпад добиваме напатствија за колку камиони да се земат примероци и ние тоа го спроведуваме. Начелно, сите проверки на роба за која има потреба, која е под трговски режим, за која има потреба да се земе примерок ја правиме во соработка со надлежните инспекторати бидејќи сметаме дека тие треба да бидат запознаени и така е предвидено во нивните правилници.

Дали Царината има соодветна опрема за контрола на отпадот?

Не е надлежност на Царинската управа да има акредитирана лабораторија со која ќе се проверува отпадот. Тоа треба да го обезбедат инспекторатите во чија надлежност се стоките, но и покрај тоа Царинската управа си има лабораторија која на дел од методите е акредитирана и за вакви случаи како што гледате со РДФ отпадот. Ние имаме можност да испитуваме кај сите во мрежата на царински лаборатории кои се под надлежност на Светска царинска организација и преку начин на соработка ги доставуваме таму примероците. Во постапка сме заедно разговаравме и со министерот, да МЖСПП односно Инспекторатот разговара со соседните земји да се најде, доколку има во соседството, акредитирана лабораторија која во континуитет ќе му служи на инспекторатот да се пуштаат примероци.

Со која лабораторија најчесто соработувате?

Зависи. Ние како Царинска управа лабораторијата ја користиме не само за испитување на составот, бидејќи во контекст на испитување на составот не е надлежност на Царинската управа. Царинската управа испитува за одредени карактеристики од соодветната стока доколку има ограничување, како на пример сулфурот кај минералните маси и ние како Царинска управа го испитуваме сулфурот. Додека инспекторатите имаат надлежност врз основа на правилниците за квалитет да испитуваат и да земаат мостри за соодветната стока. Тука веќе не им се мешаме во која лабораторија тоа го прават.

 

Дали досега имате регистрирано несовесно и незаконско работење од страна на службениците во Царинската управа? Дали некој е казнет?

Несовесно извршување на службената должност ги опфаќа сите не само царински службеници кои се по терминалите и граничните премини, туку и тие кои што се во управата. Согласно својата определба Царинската управа се бори, пореку секторот за професионална одговорност со овие појави. Имаме доста забележано, во минатата година имавме 90 дисциплински постапки по најразличен основ, каде имавме и несовесно работење. Испитувавме пријави за корупција, бидејќи Царинската управа има отворена линија за пријава за сомневање. Сите тие претпоставки Царинската управа најсериозно ги зема предвид и ги испитува до самиот крај. Меѓутоа, она што е клучно е дека мора да се има доказ за нештото да се спроведе до крај. За жал во тој контекст тие пријавувачите затајуваат и се повлекуваат. Не сакаат, веројатно поради недоверба во институциите. Треба да се поработи на тоа. Имено, при јавното истражување што го спроведе Царинската управа – за свои потреби, да ја види перцепцијата на корупцијата на учесниците во царинската постапка, се покажа дека над 20 проценти од учесниците во царинската постапка сакаат да има корупција. Тоа е доста голем процент и секако како општество треба повеќе да работиме на подигање на свесноста за борба против корупцијата.

Тие 90 дисциплински постапки конкретно се поведени за цариници? Кој го контролира целокупното работење на Царинската управа?

Царинската управа работи согласно своја систематизација и согласно свои одговорности на одредени раководители, тргнувајќи од мене како директор, па преку моите помошници директори, управници на регионални царинарници, па шефови на испостави, водичи, контролори, се до најниски прегледувачи. Тука имаме воспоставен систем на контрола и Царинската управа има регистар за ризични точки. Таа е една од ретките институции кои тоа го имаат, чиј систем се апдејтира квартално и на кој учесниците во царинските постапки, односно царинските службеници ги дефинираат најризичните точки во целата таа царинска постапка и врз основа на тоа се спроведуваат и контроли и се врши дигитализација од друга страна на процесите, што е многу важна алатка, не само во начин на функционирање, забрзување на царинскиот процес, туку и во контролниот процес, а уште повеќе како антикоруптивна алатка.

Дали сте задоволен од соработката со Министерството за внатрешни работи и со Обвинителство?

Царинската управа има овластување на правосудна полиција. Царинската управа согласно новиот закон се здоби со надлежност за спроведување на посебни истражни мерки, а доколку случајот налага, ние имаме многу добра соработка со МВР и голем број случаи заедно ги сработуваме. Сметам дека Обвинителството може доста повеќе да постигне и доста подобро да сработи. Квалитетот на обвинителите е прашање кое е актуелно во овој момент, согласно законот и согласно случувањата во нашата држава, но и таму има многу добри обвинители има и такви кои за жал не си ја извршуваат совесно работата, како и во секој служба, сметам дека тука треба многу да се поработи и дека така ќе има многу подобри резултати.

Дали сте задоволен од соработката со бугарската Царинска управа?

Со бугарската царина имаме доста добра соработка, во контекст на секторите за контрола на истраги и во однос на следење на акцизна роба и во однос на потреба од каква било комуникација, во начин на прилагодување на нашите закони или процедури со ЕУ регулативите, така да имаме добра соработка, но секогаш може и подобро.

МИА