Потпретседателката на СДСМ Мила Царовска денеска на прес-конференција ја обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски дека продолжуваат да ја замајуваат јавноста заговарајќи укинување, поништување или ревидирање на Договорот од Преспа.

-Договорот од Преспа значи просперитет за државата, а заговарачите против него не си ја сакаат државата. Укинувањето што го најавува ВМРО-ДПМНЕ значи укинување на нашето членство во НАТО, изгубени милијарди евра странски инвестиции, спречување на економскиот развој и осиромашување на граѓаните, рече Царовска додавајќи дека без Договорот од Преспа нема перспектива во ЕУ за нас.

Според неа, фактот што Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да заговараат укинување на Договорот од Преспа е јасен показател дека не ја гледаат нашата држава во НАТО и ЕУ и не се заинтересирани за развој на економијата и овозможување на подобра иднина за младите.

На прес-конференцијата таа потсети на искуството со ембаргото и блокадите од Грција, но исто така потенцира дека лани Грција стана наш трет стратешки партнер во трговската размена со вкупна вредност од една милијарда американски долари, а солунското пристаниште ни е главната врска со светот од која сме економски зависни.

Во однос на почитувањето на Договорот од Преспа, Царовска рече дека најновото замајување е од техничката министерка за труд и социјална политика, која, како што кажа, „глуми дека го враќа поранешното уставно име, иако потпиша „ќе го почитувам Уставот и законите на РС Македонија“.

Вицепремиерката не знае колку пратеници го поддржуваат предлогот за ЈО

Консултациите за законот за јавно обвинителство продолжуваат и денеска и во моментот кога сите елементи ќе бидат исполнети тој ќе се најде на гласање, изјави денеска на прес-конференција потпретседателката на СДСМ Мила Царовска. Изборите, вели таа, се најавени за 12. април и тоа е така, но секое одложување и замајување на јавноста од страна на ВМРО-ДПМНЕ со одложување на главни закони и можност за нивно гласање, ќе донесе само до подолго функционирање на Парламентот, но самите избори ќе останат на 12 април.

-Во однос на законот за јавно обвинителство се преговара и во моментот кога сите елементи ќе бидат исполнети тој ќе се најде на гласање. Сите оние кои што сметаат дека оваа држава треба да се движи напред, да создаваме иднина за младите и за сите нас останати е важно да ја дигнат својата рака за тој закон се со цел да ги отвориме перспективите на оваа држава и да продолжиме да чекориме со ист интензитет како и овие две и пол години, рече Царовска одговарајќи на новинарско прашање.

Според неа, Владата има консензус по сите прашања и штом се види дека „законот за обвинителство треба да поставен на дневен ред на Владата, значи дека има одлука дека тој закон е добар“.

Царовска не откри колку пратеници во моментот го поддржуваат законот и за што се преговара.

-Во моментот кога ќе се стави на гласање ќе го знаеме бројот на пратеници кои застанале зад државата и веруваат дека оваа држава треба да се движи напред, рече потпретседателката на СДСМ.